Американскиот претседател Доналд Трамп сака да ја раскажува приказната како сам станал успешен бизнисмен и го стекнал богатството, со стартни милион долари што му ги позајмил татко му.

Најнова истрага што ги потресе САД покажува дека неговото богатство се темели на бројни напори на татко му да акумулира средства преку прикажување на пониска вредност на недвижен имот од реалната, криење вредни подароци, „креативно сметководство“ и одбегнување данок.
Ризницата од документи ги покажува напорите на Фред Трамп на нечесен начин да го збогати синот и да му обезбеди глатко влегување во светот на бизнисот и на крај, во државната политика.

Голем дел од трансферите биле направени во тајност и на тој начин Доналд Трамп и неговите браќа и сестри добивале милиони долари, покажаа резултатите од обемната истрага објавени во „Њујорк тајмс“.
Неколку минути по објавувањето на анализата во „Њујорк тајмс“, Даночната служба на државата Њујорк соопшти дека ќе отвори истрага за овие тврдења.
Објавувањето на документите, во кои наводно има даночни пријави и тајни банкарски сметки, ќе доведат до државна истрага за да се открие кој е „кртот“ во блискиот круг на Трамп.

Во еден од наведените примери за измама, според даночната пријава на градежниот могул Фред Трамп од 1995 година, неговите деца тврделе дека 25-те станбени комплекси со 6.988 станови вредат само 41 милиони долари. Помалку од една деценија подоцна, во 2004 година, банките ги процениле овие недвижни имоти на 900 милиони долари.
Во анализата се тврди дека Доналд Трамп заработил вкупно 413 милиони долари од империјата на татко му, делумно преку даночна евазија.

Од тригодишна возраст Доналд Трамп заработувал 200.000 долари годишно (според денешната вредност на доларот) и до осум години веќе бил милионер.
До дипломирањето на колеџот Вортон, Трамп добивал еден милион долари годишно (според денешната вредност на доларот), сума што се покачила на 5 милиони годишно кога стигнал до 40-годишна возраст.
Адвокатот на Трамп веднаш реагираше на објавената анализа.

„Ако Њујорк тајмс имплицира дека претседателот Трамп учествувал во измама, даночна евазија или какво било друго кривично дело, се изложува на тужба и плаќање отштета за клевета“, рече Чарлс Хардер.
Тој го дистанцира Трамп од случајот и го вперува прстот во адвокатите и сметководителите.
„Претседателот Трамп немал никаква директна вмешаност во овие работи што ги воделе други членови на семејството Трамп, кои и самите не биле експерти во таа област и се потпирале на стручноста на овластените лица спомнати погоре и убеденоста дека тие ќе постапат согласно законот“, рече Хардер.