За време на спасувачка операција, италијанската крајбрежна стража пронашла мртво новороденче на чамец со мигранти кои се движеле кон островот Лампедуза, јави денеска Анса.
Бебето се родило за време на патувањето и починало кратко по раѓањето, јави АНСА, додавајќи дека на бродот имало околу 40 мигранти.
На почетокот на неделата, петмесечно машко бебе се удави за време на спасувачка операција кај Лампедуза, откако се преврте брод со мигранти од Северна Африка.
Речиси 126.000 мигранти пристигнале во Италија од почетокот на годината, што е речиси двојно повеќе во споредба со истиот период лани.
Само оваа недела на островот Лампедуза пристигнаа околу 7.000 мигранти, што е повеќе од сегашното население на островот.
Вчера италијанскиот премиер Џорџa Мелони ја повика ЕУ да дејствува заеднички „ако е потребно со поморска мисија“ и да ги спречи мигрантите да го преминат Средоземното Море од Северна Африка.
Мелони најави остри мерки како одговор на порастот на пристигнувања на мигранти оваа недела.