Наместо собраниска расправа за негово разрешување, оставка. Државниот обвинител Љупчо Коцевски ги претрка пратениците и во пресрет на седницата за негова смена пресече – неотповикливо си заминува од функцијата. Тврди, иницијативата за разрешување била политички мотивирана и не сторил крупна професионална грешка како што рекоа од Владата.
Во кусото експозе за сработеното, Коцевски истакна дека во неговиот мандат ефикасноста на обвинителството е зголемена, а со минимум ресурси се затвориле истраги за високопрофилирани случаи. Ги издвои оние за наркоподземјето, злоупотребите на јавните пари, ИПАРД фондовите, но и истрагата за трагедијата во Кочани.
Претседателот на Собранието Гаши ја констатираше оставката. Сега на потег е Советот на јавните обвинители, кој на итна седница до крајот на неделава ќе избере ВД државен обвинител додека и формално не се назначи наследник на Коцевски.
Што му пресуди на Коцевски – политичка одлука или легитимна процедура за утврдување одговорност?
За дел од јавноста, oбвинителот досега се покажа доста издржлив, со оглед на тоа дека е под удар на сегашната власт уште на почетокот на мандатот. Според политичкиот аналитичар, Даут Даути, во неговото пркосење да не ѝ удоволи на власта истурка досега, но во балансот на властите, очигледно е дека извршната е таа што има повеќе концентрирана моќ, која полесно ги спреведува своите намери, дури и во директниот судир со останатите.
-Не можам да судам за ликот и делото на јавниот обвинител, особено не за неговата стручност и успешност, односно правичност и неселективност, во неговата работа, за што му забележуваат, но за неговата оставка можам да претпоставам дека е резултат на таа неповолната атмосфера и недоверба кон него, без институционална поддршка, која би му ја отежнале работа како јавен обвинител, па така сам се повлекол, вели Даути во разговор за „Локално“.
Соговорникот е дециден дека ни треба таков обвинител, каков тешко може да функционира кај нас. Оценува дека тоа би бил некој обвинител кој не би бил избиран преку политички влијанија, кој би бил избран од орган кој е независен од политички влијанија, и со цврст личен и професионален кредибилитет, кој ниту ќе се чувствува должен кон некого, ниту ќе потпадне под политички влијанија.

Даут Даути/Фото: Архива
-Ние имавме едно лошо искуство со Специјалното јавно обвинителство, кое дојде со многу очекувања, но за жал се претвори во „држава во држава“ кое никому не му отчитуваше, кое отвори и водеше грст неуспешни предмети затоа што се изгуби во својата неограничена власт и на крај заврши како што заврши не само по скандалот на нејзината челничка, со што и јавноста доживеа невиден шок.
По такво фијаско, сега веќе никој не очекува чуда од никого, секогаш медиумите и политичките дебати ќе бидат полни со обвинувања за селективност или делување според нечии желби, анализира Даути.
Во иднина, со изборот на новиот републички јавен обвинител, аналитичарот очекува една „дежаву“ приказна. Дури и да биде избран со некаков консензус, како што беше избрана и Катица Јанева, додава Даути, тешко е дека тој би бил по мерак на сите, особено нема да може да ги исполни очекувањата на јавноста да биде независен и непристрасен.
-Има една антологиска реплика на Перхан од филмот „Дом за бесење“ кој вели “откако себеси се фатив во лага, веќе никому не верувам!“. Главниот терет ќе биде довербата која треба да ја стекне, но самите политички актери, во зависнот како ќе биде избран, ќе ја градат нивната позиција на доверба или недоверба. Инаку, за три и повеќе децении, тешко ќе се сетиме за некој јавен обвинител кој ја уживал довербата и на власта, и на опозицијата и на јавноста, потсетува соговорникот.
Коалицијата ВЛЕН оценува дека прекинувањето на функцијата на јавниот обвинител означува крај на период што предизвика длабока загуба на јавната доверба во Јавното обвинителство. Од таборот на Меџити, Касами, Фетаи велат дека ќе инсистираат процесот за избор на нов јавен обвинител да биде чист, транспарентен и ослободен од политички влијанија. Од една страна, можеби изненадува фактот дека ВЛЕН нема барање за Албанец за државен обвинител, со оглед на „поделбата“ на кадрите меѓу владините партнери.
-Токму таков обвинител, ослободен од партиски стеги ни е потребен, но таков тешко би бил избран. И во многу институции имаме идеален профил на кандидати кои се бараат, но изборот се претвора во фарса, токму поради тоа што најчесто кандидатите, често и самите си бараат партиска подршка, па така не се бираат најспособните, туку најподобните за тие кои имаат повеќе влијание при избор.
Што се однесува за можноста кандидат Албанец да биде избран за јавен обвинител, зошто не, ако ги исполнува сите критериуми, и секако, ако ја добие поддршката, така што ако од ВЛЕН дојде таква инцијатива, не би требало да се гледа со недоверба, заклучува Даути.
Адвокатот и поранешен судија, Владимир Туфегџиќ упати остра јавна критика по повод оставката и обраќањето на државниот јавен обвинител. Смета дека Коцевски си заминува од функцијата баш онака како што е избран, тивко, празно, анемично и без поента, со лошо прочитан и неубедливо срочен текст.

Владимир Туфегџиќ/Фото: Принтскрин/Јутјуб
-Нормално, се повика на политички „линч” небаре е избран професионално – неполитички, договорено онака зад затворени врати, без здрава конкуренција, транспарентна и отворена постапка. За денешното обраќање во јавноста доволно е да се каже дека и присутните новинари останаа без инспирација за прашања. Се повика државниот обвинител на незаконитост и политички “линч” но само за себе и како доследен применувач и заштитник на законот, си ги наброја обвинителот успесите и поднесените обвиненија, ги издвои по именце лицата против кои се поднесени обвиненијата и повторувам, како доследен применувач и заштитник на законот ја прекрши презумцијата на невиност до правосилна осуда без око да му трепне, истакнува Туфегџиќ.
Според него, ова е уште еден државен обвинител кој не спомнува П од политика кога го бираат, тогаш нема политика туку е избран како најстручен и најпрофесионален со завидни успеси и резултати во работата, а кога го разрешуваат тоа е политички “линч” заради неговата успешна бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, кој историски успех се мери и брои со бројот на поднесени обвиненија како на лента, небаре обвинителството е фабрика за производство на обвиненија, а за епилогот од тие обвиненија ниту збор.
-За епилогот тука е редовен кривец судот, а обвинителот со климаво и празно обвинение никако. Заминува државен обвинител кого ќе го памтиме по тоа што формирал тим од 15 обвинители за застапување во кочанскиот предмет за да немало одлагања на судењата, на страна образложението кое мислам дека е единствено откако постои Јавно обвинителство на Македонија, Нинбершки процес имаше 4 назначени обвинители.
Токму поради тоа новиот државен Јавен обвинител треба да ја преиспита и преоцени законитоста токму на добар дел од поднесените обвиненија кои денеска како успех ги наброја обвинителот во заминување, укажува адвокатот, додавајќи дека време е да добиеме државен јавен обвинител со авторитет и минат труд во транспарентна постапка, обвинител кој зад себе ќе остави јавнообвинителска организација во која владее ред, во која има воедначени и унифицирани правни стандарди на постапување во сите предмети и подеднакво спрема сите странки во постапкат, дециден е Туфегџиќ.

Основно Јавно Обвинителство/Фото: Принтскрин/Јутјуб/Канал 5 ТВ
Со констатирање на оставката на Коцевски што ја даде пред завчерашната собраниска седница, на која треба да биде неговото разрешување, започнува процедурата за избор на неговиот наследник.
Според Законот за јавни обвинители, изборот се врши најдоцна два месеца пред истекот на мандатот на актуелниот, односно веднаш по празнењето на местото, како во овој случај. По предлог на Владата, Собранието треба да распише оглас за именување јавен обвинител, да побара мислење од Советот на јавни обвинители за сите пријавени кандидати.
Советот е должен да ги подготви образложените, позитивни или негативни мислења во писмена форма во рок од 15 дена. Ако не даде за ниту еден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог за именување Јавен обвинител на Македонија и ќе му предложи на Собранието да распише нов оглас.
Изборот, како и разрешувањето, се врши со просто мнозинство.
Н.П.