Производителот на електрични возила Tesla лобираше кај британската влада да им наплати на сопствениците на автомобили повисоки даноци за бензин откако лабуристите победија на општите избори, објави денеска Би-Би-Си.
Додека извршниот директор на Tesla, Илон Маск, отворено го критикуваше британскиот премиер Кир Стармер на социјалните мрежи, зад сцената неговата компанија се обидуваше да ја убеди новата влада да ја ревидира даночната политика што ќе го зголеми профитот на неговата компанија, наведува британскиот јавен сервис.
Tesla ја повика британската влада да ги прошири субвенциите за продажба на електрични автомобили на камиони, како и да воведе дополнителни даноци за купување автомобили на бензин и дизел.
„Владата би требало да бара од оние, кои сè уште одлучуваат да купат ново „загадувачко“ возило, да платат повеќе“, напиша европскиот директор на Tesla, Џо Вард во писмото до министерот за патишта на Велика Британија, Лилијан Гринвуд во јули.
Во писмото, исто така, се наведува дека Tesla „ја пофали силната позиција на Лабуристичката партија за декарбонизација на енергетскиот систем до 2030 година“.