Тестирање на НАТО механизмите или најава за нови конфликти: Комбинацијата на воздушни нарушувања и „ѕвечкање“ со ракети претставува координиран притисок врз Алијансата и проверка на нејзината одлучност и брзина на реакција

Србиновски за руските упади: Москва треба да знае дека ваквите „тестови“ нема да останат без одговор и дека секој следен инцидент го намалува просторот за дипломатски маневар

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Defence24

Вонреден состанок на Советот за безбедност на ОН на барање на Естонија по руското нарушување на нејзиниот воздушен простор во петокот. НАТО ја предупреди Русија дека ќе одговори со сила на нови провокации, повторно испраќајќи авиони над Балтичкото Море како одговор на руски извидувачки авион. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД е подготвен да ги брани Полска и балтичките земји ако Москва продолжи да ја ескалира ситуацијата. Колку за потсетување, претходно видовме обвинувања за нарушување на воздушниот простор и на Романија и Полска.

Тестирање на НАТО механизмите или најава за нови конфликти?

Според воено-безбедносниот аналитичар и новинар, Александар Србиновски, овие случувања треба да се гледаат како дел од поширока стратегија на Москва за тестирање на НАТО, а не како директна најава на нова војна. Истакнува дека покрај нарушувањата на воздушниот простор на Естонија, Полска и Романија, руската воена моќ беше демонстрирана и преку најновите заеднички вежби со Белорусија — „Запад 2025“.

-Во тие маневри, Русија распореди и симулираше употреба на балистички ракети „Искандер-М“ во Калининград, со што практично стави шест НАТО држави (Полска, Германија, Шведска, Латвија, Литванија и Естонија) во дострел на тие системи. Целта беше да се покаже подготвеност за одбрана на Калининград, но и да се испрати сигнал за одвраќање и демонстрација на сила кон НАТО. Во моментов, Калининград е дополнително засилен со балистички ракети и потенцијално складиште на тактичко нуклеарно оружје, што ја зголемува стратешката тежина на регионот. Токму затоа комбинацијата на воздушни нарушувања и „ѕвечкање“ со ракети претставува координиран притисок врз Алијансата и проверка на нејзината одлучност и брзина на реакција, вели Србиновски во разговор за „Локално“.

Според соговорникот, активирањето на Член 4 од Северноатлантскиот договор не е формалност, туку јасен знак дека Алијансата ја чита ситуацијата како координиран притисок од Москва. Естонија инсистираше на итна седница поради 12-минутното нарушување со три МиГ-31, а Полска поради бран руски дронови кои ја прелетаа границата за време на нападите врз Украина.

-Тоа се два сериозни инциденти во рок од само десетина дена – нешто што НАТО мора да го адресира. Од средбите очекувам неколку конкретни потези. Прво, воен – засилување на воздушното патролирање во Балтикот и нови ПВО системи во Полска и Романија. Веќе има информации дека во Калининград Русија распореди дополнителни „Искандер-М“ ракети, што носи директна закана за шест НАТО земји околу регионот. Одговорот на Алијансата мора да биде видлив на терен, не само декларативен.

Фото: Александар Србиновски

Второ, усогласување на правилата на ангажман. Полска јавно кажа дека ќе соборува секој дрон кој ќе ја премине границата, додека балтичките држави досега се задржаа на дипломатски протести. Таквите разлики го ризикуваат кредибилитетот на Алијансата. Затоа очекувам јасна процедура – што значи „прекршување“, кој реагира и кога, и дали соборувањето ќе биде прв или последен чекор.

Трето, политичка порака. Средбата ќе ја потврди кохезијата: дека ова не се изолирани проблеми на Полска или Естонија, туку закана за целата Алијанса. Москва треба да знае дека ваквите „тестови“ нема да останат без одговор и дека секој следен инцидент го намалува просторот за дипломатски маневар, истакнува Србиновски.

Со други зборови, додава аналитичарот, ако досега се реагираше со предупредувања и протести, по овие средби очекувам НАТО да премине во режим на превенција – со засилено присуство, усогласени правила и јасна порака дека црвената линија е веќе исцртана.

По руското навлегување во естонскиот воздушен простор, Литванија потсети на постапките на Турција во 2015 година, кога беше срушен авион.  За аналитичарот, лекцијата од Турција, кога беше соборен руски Су-24, е дека државите мораат да имаат јасни правила на ангажман и да ги спроведуваат без колебање кога проценуваат дека постои непосредна закана. Сепак, тврди Србиновски, НАТО денес повеќе се движи кон градуирана скала на реакции: идентификација, радио-повици, пресретнување, предупредување, па дури потоа и соборување ако нема друга опција.

-Сосема ми е разбирливо дека некои земји, како Полска, веќе покажуваат решителност дека дронови и авиони кои очигледно го прекршуваат воздушниот простор ќе бидат соборени. Балтичките држави отворено дискутираат за потребата од построги мерки. Тоа е сигнал дека Алијансата е подготвена, но во исто време сака да избегне непотребна ескалација, посочува аналитичарот.

Запрашан за евентуален одговор од Москва, Србиновска вели дека најверојатно би реагирала со остри дипломатски изјави, пропагандна кампања и тактички воени потези — поагресивни летови, електронско заглушување, демонстративни маневри.

-Но досега Кремљ внимаваше да не влезе во директна конфронтација со НАТО членка. Доколку едно соборување се случи на територија на членка и е добро документирано како самоодбрана, Русија повеќе би се насочила кон симболична и индиректна ескалација, отколку кон директна војна. Затоа и моменталниот фокус на НАТО е на превенција, засилено присуство и консултации по Член 4 — токму за да се избегне погрешна пресметка што би можела да има многу пошироки последици, заклучува Србиновски.

Фото: Јутјуб/Принтскрин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја потврди средбата со американскиот колега на Генералното собрание во Њујорк. Го поздрави 19-от пакет санкции против Русија, надевајќи се дека и САД ќе преземат таков чекор.

„Европската унија веќе генерално се согласи за 19-тиот пакет санкции против Русија и сметаме на негово брзо одобрување. Сигурен сум дека и САД ќе преземат потег. Путин мора да верува дека тие не се рамнодушни и дека ќе бидат преземени силни чекори“, изјави Зеленски.

Генералниот секретар на Обединетите нации, пред 80. Генерално собрание предупреди дека меѓународната заедница не смее да го прифати моделот на користење војна за решавање проблеми меѓу земјите.

„Постои стимул за земјите со средна големина да се обидат да ги решат своите амбиции или своите проблеми преку војна наместо преку преговори. И ова станува модел на кој меѓународната заедница треба силно да се спротивстави“, изјави Антонио Гутереш.

Н.П.

Слични содржини