Тилев за МИА: Очекувам меѓувладината конференција следната година да биде последен дел од долгиот пат кон ЕУ

од desk4

   Со денешната посета на еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан се отвора процесот на скрининг за почеток на преговорите на Македонија со Европската унија.

Популарно наречениот „скрининг“ е всушност процес на аналитички преглед на целокупното европско законодавство кој се спроведува во рамките на процесот на пристапните преговори. За текот на процесот, формата во која се врши, колкав период трае, МИА разговараше со Драган Тилев, државен советник во Секретаријатот за европски прашања.

Секоја земја која станала членка на ЕУ, појаснува тој, поминала низ овој процес, кој прво, е извонредно обемен, бидејќи се работи за над 100.000 страници на европското законодавство и огромен број на технички стандарди, Второ е извонредно комплексен, бидејќи вклучува десетици институции на ЕУ и стотици институции, во случајов од Македонија, со околу 1000-2000 национални експерти.

– Во техничкиот дел, кој го започнуваме и ние, експертите на Европската комисија и нејзините тела ќе го презентираат европското законодавство кое е во сила и ќе ја објаснат институционалната структура неопходна за коректна имплементација на тоа законодавство. Во следната фаза, нашите институции и националните експерти ќе треба да направат детален преглед на тоа до каде сме стигнати во транспозицијата на европското законодавство со оглед на фактот дека веќе деценија и пол ја имплементираме Спогодбата за стабилизација и асоцијација, вели Тилев за МИА.

Со ова би завршил техничкиот дел од скрининг процесот. Вообичаено скрининг процесот во сите негови фази може да трае од една до две години и истиот е унифициран за сите земји, бидејќи европското законодавство важи за сите подеднакво. Но, скрининг процесот, појаснува тој, секако ќе ги рефлектира и спецификите на секоја земја во одредени подрачја, а ќе ги земе предвид и сите промени во европското законодавство што можат да се случат во меѓувреме.   

Тилев нагласува дека според претходните искуства од земјите кои поминале низ процесот пред нас или оние кои во моментов преговараат, најосетливи се поглавјата 23 (Правосудство и фундаментални права) и 24 (Правда, слобода и безбедност). Најобемни се поглавјата 11 (Земјоделство и рурален развој), 12 (Безбедност на храна, ветерина и фитосанитарна политика), 27 (Животна средина), додека предизвик ќе бидат и поглавјата 1 (Слободно движење на стоки), 8 (Политика на конкуренција), 19 (Социјална политика и вработување). Секако, додава тој и другите поглавја ќе бараат соодветно внимание и големи инвестиции.

– Нема лесни поглавја бидејќи во секое едно од нив има специфики или во делот на законодавството или во делот на институционалните барања или во делот на инвестициите, појаснува Тилев за МИА.

Тој изрази уверување дека овој пат заклучоците на Советот на ЕУ и на Европскиот совет ќе успееме да ги материјализираме и следниот јуни официјално да ги започнеме пристапните преговори, во согласност со Рамката за преговори што Европската комисија ќе ја изработи, а земјите членки ќе треба да ја усвојат.

– Очекувам дека Меѓувладината конференција следната година ќе го започне последниот дел од нашиот долг пат кон ЕУ. Преговорите ќе траат толку колку што е неопходно да се транспонира целокупното европско законодавство во нашето национално законодавство и колку што ќе ни е потребно да обезбедиме негова целосна имплементација. Неблагодарно е да се предвиди колку време ќе треба, но за нас во моментов е поважно процесот да започне, нагласи Тилев.

Појаснува дека има вкупно 35 поглавја, но само во 33 има конкретно европско законодавство (Acquis). Поглавјето 34 е за утврдување на институционалните прашања, додека поглавјето 35 е за се „останато“ што не е покриено со стандардните 33 поглавја.

Според новата пракса на Европската комисија, во преговорите први се отвораат поглавјата 23 (Правосудство и фундаментални права) и 24 (Правда, слобода и безбедност), кој се сметаат за најосетливи и „ранливи“.

– Тоа се областите кои се поврзани и со политичките критериуми, коиј секоја земја треба да ги исполни пред да ги започне пристапните преговори и мора да го одржи нивото на почитување на истите до членството и потоа. Кај овие поглавја вообичаено се утврдуваат и т.н одредници за отворање, одмерување на напредокот и за затварање на поглавјата, нагласува Тилев во изјава за МИА.

Слични содржини