Брод, кој е реплика на “Титаник”, ќе биде пуштен во употреба во 2022 година и ќе го повтори историскиот пат од Велика Британија до САД, кој неговиот познат претходник никогаш не го заврши, објави Си Би Ес.
Според медиумот, работата на проектот “Титаник II” е на компанијата “Блу Стар лајн” (Blue Star Line), предводена од австралискиот бизнисмен Клајв Палмер. Започнувањето на проектот беше објавено во 2012 година, но поради финансиски проблеми работата беше запрена во 2015 година, а обновена дури минатиот месец. 
Компанијата има намера да го обнови оригиналниот ентериер на Титаник, да го опреми со модерни системи за навигација и да ги гарантира сите безбедносни мерки. Цената за изградбата на бродот се проценува на 500 милиони долари и се претпоставува дека може да прими 2.400 патници и 900 членови на екипажот.
Како што објасни Палмер, новиот “Титаник” ќе го направи своето прво двонеделено патување од Сингапур до Дубаи, од каде бродот ќе отплови за Саутемптон во Англија, преминувајќи го Атлантскиот Океан, по што ќе пристигне во Њујорк. Според плановите на компанијата, бродот ќе прави неделни патувања од Обединетото Кралство до САД во текот на летните месеци.
„Титаник“ го започна своето прво и последно патување од Саутемптон кон Њујорк на 10 април 1912 година. Ноќта меѓу 14 и 15 април, тој удира во глечер во водите на Северниот Атлантик и тоне по два часа и 40 минути. Во бродската несреќа загинаа околу 1.500 луѓе, а 712 патници и членови на екипажот успеаја да се спасат.