Тоа што се случува во САД испраќа моќни пораки и во Македонија: Кога една од највлијателните земји во светот ги оспорува човековите права, тоа ги охрабрува и локалните противници на различноста

Сигналите на Трамп имаат ефект и врз нашите простори, охрабрувајќи домашни конзервативни структури да бидат погласни и поагресивни во нивната анти-ЛГБТИК+ агенда

од Nikola Popovski
268 прегледи

Американскиот претседател, Доналд Трамп во својот прв говор откако положи заклетва како 47. претседател на САД рече дека отсега официјална политика на американската влада ќе биде да има само два пола, машки и женски. Истовремено донесе одлука со која побара само знамето на Соединетите Американски Држави да биде истакнато во американските дипломатски објекти, и дома и во странство. Во говорот од минатиот месец пред американскиот Сенат, наведе и неколку примери за бескорисни трошења што наидоа на потсмев меѓу републиканците. „Осум милиони долари за промоција на ЛГБТ во африканската држава Лесото за која никој никогаш не слушнал“, рече тогаш шефот на САД. Евидентно е дека светот се сврте за 360 степени,а ЛГБТ заедницата е на најголем удар. Укинати се и многу програми кои ја поддржуваат разноликоста. Се поставува прашањето како ќе се манифестира оваа промена во Македонија…

За дел од невладините здруженија за заштита на човековите права, одлуките на американската администрација под водство на Трамп несомнено имаа влијание врз глобалните трендови во однос на човековите права, вклучително и правата на ЛГБТИК+ луѓето. Од Хелсиншкиот комитет за човекови права во земјава, укинувањето на програмата на УСАИД предизвика огромна штета, поради тоа што долгогодишни процеси кои ги водат во насока на унапредување на правата и квалитетот на живот на ЛГБТИК+, луѓето се ставени во мирување, а особено загрозени беа круцијални сервиси за ЛГБТИК+ луѓето.

-Листата е долга но како особено значајно би споменале дека во моментов немаме средства да обезбедиме бесплатна психолошка помош и советување за ЛГБТИК+ луѓе, а приморани бевме да го ставиме во мирување и сервисот за безбедно домување за ЛГБТИК+ луѓе жртви на насилство – шелтер центарот „Сигурна Куќа“. Дополнително, неколку организации кои работеа во доменот на заштитата на правата на ЛГБТИК+ луѓето целосно престанаа со работа, со што заедницата остана без поддршка во критични области како што се безбедни места за едукација, социјализација и поддршка. Иако Северна Македонија е далеку од центарот на американската политика, ваквите сигнали имаат ефект и врз нашите простори, охрабрувајќи домашни конзервативни структури да бидат погласни и поагресивни во нивната анти-ЛГБТИК+ агенда, велат за „Локално“ за Хелсиншкиот комитет.

На прашањето дали евидентираат зголемување на кршење на правата на ЛГБТ луѓето кај нас, здружението наведува дека во последните години бележиме значително зголемување на говорот на омраза насочен кон ЛГБТИК+ луѓето во Македонија, особено на социјалните мрежи.

-Тој говор ретко останува само на зборови – многу често е вовед во конкретни закани, физички напади и злосторства од омраза. Особено се погодени трансродовите луѓе, кои се мета на постојани напади и потценување, но и на поширок процес на целосно бришење – од медиумите, од образованието, од јавниот простор.

Овие негативни трендови кај нас се дел од поширока глобална слика. Конзервативната политика на администрацијата на Доналд Трамп во САД, како и нападите врз правата на транс и небинарни луѓе – како забрани за пристап до здравствена заштита, ограничување на пристап до тоалети, и укинување на родово афирмативни програми – станаа репер за слични политики и ставови низ целиот свет. Тоа што се случува во САД испраќа моќни пораки и кај нас: кога една од највлијателните земји во светот ги оспорува човековите права, тоа ги охрабрува и локалните противници на различноста, посочуваат од здружението.

Истакнуваат дека говорот на омраза кој е инспириран и легитимиран од слични глобални примери ги нормализира нападите врз ранливите заедници. Затоа е исклучително важно, нагласува Бубевска, да се спротивставиме и на локално и на глобално ниво, и да не дозволиме враќање наназад во борбата за еднаквост.

На почетокот на февруари беше објавено дека викендот на гордоста Скопје 2025 кој ќе се одржува по тринаесети пат оваа година не добил поддршка од Министерството за култура. Вака се пожалија од организаторите на настанот кој речиси секоја година се одржува во месец јуни.

Според „Skopje Pride Weekend“, фактот што, како што велат, нашиот фестивал ужива голема меѓународна препознаеност, што успеа низ годините да изгради своја, постојано растечка публика, и во континуитет да претставува врвни светски, локални, и регионални уметници од областа на перформанс уметноста, современиот танц, и визуелните уметности, како и да креира културен простор за квир заедницата и жените, „очигледно за хомофобичните, трансфобичните и мизогини структури на власт и во Министерството не значат ништо“.

Наведуваат дека тимот на Фестивалот во овие исклучителни кризни времиња ќе ги вложи сите напори, во име на пркосот и истрајноста, да претстави барем дел од договорената и предвидена програма.

Во првата година од претходниот мандат, администрацијата на Трамп се обиде да ја врати забраната за трансродовите лица во војската. Номинираше повеќе луѓе пред судовите и на други места кои имаат анти-ЛГБТК досиеја. Ја упати својата армија на федерални адвокати да заземе анти-ЛГБТК страна во судските случаи, и направи уште неколку ситни работи, како што е одбивањето да го признае месецот на гордоста. Администрацијата на Трамп, врз основа на прегледот на она што го направи, во суштина работеше на поништување на целиот напредок на ЛГБТК правата. Таа не можеше да го поништи сето тоа, како законот за  истополови бракови, на пример, но секако се обидуваше. Од номинациите на Трамп за судови кои ќе одлучуваат за проширувањето на правата на ЛГБТК низ целата земја до неговата администрација која диктираше кој има основна заштита на граѓанските права, тоа е агенда која сериозно им штети на ЛГБТК луѓето низ годините, а можеби и децениите што доаѓаат. Многу од анти-ЛГБТК акциите што администрацијата на Трамп ги презеде во текот на својата прва година во првиот мандат, добија многу малку внимание во мејнстрим медиумите, обично добиваа најмногу неколку дена покривање, но, изненадува нивната широчина и опсег. Севкупно, таа претставува изразито анти-ЛГБТК агенда.

Н.П.

Слични содржини