Тошковски тврди дека за еден ден се добива термин за итна постапка за пасош во Скопје

од Nikola Popovski

Термин за итна постапка за фотографирање за пасош во Скопје се добива за еден ден, соопшти утрово техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски. Според него, реорганизацијата и зголемувањето на капацитетите во делот на управните служби даваат резултат.

-Повеќе нема чекање со месеци за фотографирање за пасош по итна постапка во Скопје и од денес граѓаните кои ќе побараат термин, ќе го добијат за истиот или наредниот ден, објави Тошковски на социјалните мрежи.

Нормализирано е чекањето за фотографирање за патните исправи, но не и за нивно навремено добивање. Граѓаните чекаат и до три месеци за да добијат нов пасош.

На 12 февруари оваа година истече периодот од пет години според одредбата од Договорот од Преспа потпишана во 2018 година, со која престануваа да важат патните исправи и документите за меѓународна употреба што го содржат старото име на државата.

Државата нема да ги извести другите земји дека престанува важноста на старите пасоши, но очекува флексибилност заради за проблемот со издавање нови пасоши, како што изјави неодамна министерот на надворешни работи Бујар Османи.

Пасошите не се единствениот документ кој граѓаните треба да го сменат. Тука се и возачките и сообраќајните дозволи бидејќи тие влегуваат во категоријата меѓународни документи.

Личните карти со старото уставно име важат за домашна употреба. Тие се засега се користат и како патен документ во земјите од регионот – Србија, Албанија, Косово и Црна Гора.

 

Слични содржини