Трамп би можел да биде најдоброто нешто што и се случило на Европа

од Vladimir Zorba
66 прегледи

Излегува дека Доналд Трамп можеби е најдоброто нешто што може да се случи со слободната трговија – барем за Европа.

Со подигнување на царински ѕид околу САД во согласност со неговата политика „Америка на прво место“, американскиот претседател ненамерно ги охрабрува другите земји ширум светот да ги здружат силите во обид да го ублажат огромниот удар што оваа политика ќе му го нанесе на нивниот извоз.

Европската унија, под притисок на протекционистичката Франција и меѓународните протести за климата, се обидува да ја искористи трговската политика за промовирање на вредностите на блокот, како што се човековите права и одржливоста, во последните пет години – фрустрирајќии партнери како Индија, Индонезија или јужноамериканскиот блок „Меркосур“. Но, сега, кога САД – нивниот историски сојузник – сакаат да играат своја игра и ги тресеат глобалните пазари и трговските мрежи со низа царини, Европската унија брзо се прикажува себеси како силен, либерален трговски блок кој е отворен за бизнис, пишува „Политико“.

Овој пресврт на настаните ги радува економски полибералните членки на ЕУ, кои често се спротивставуваа на францускиот протекционизам. Светската трговска организација предвидува пад на глобалната трговија за 0,2 отсто оваа година и може да достигне 1,5 отсто доколку Трамп повторно воведе повисоки царини – како што се 20 отсто за ЕУ ​​- кои привремено ги прекина на 90 дена за преговори.

Откако беше потврден за втор мандат во декември, Европската комисија на Урсула фон дер Лејен – која ја води трговската политика за 27-те земји-членки – забележа серија успеси во склучување договори. Брисел ги заврши долготрајните преговори со блокот „Меркосур“, како и со Мексико и Швајцарија. Преговорите со Малезија се рестартирани и отворени се разговори со Обединетите Арапски Емирати.

Земјите на ЕУ како Франција, Белгија и Австрија – кои некогаш се двоумеа да ги отворат своите чувствителни пазари – почнуваат да гледаат на трговските договори како геополитичка неопходност, а не само како економски бонус. Пример е Франција, чија политичка елита го отфрли трговскиот договор на ЕУ со „Меркосур“ како политички и економски токсичен, но сега тивко го омекнува својот став во позадина на трговската офанзива на Трамп.

Трансатлантскиот трговски однос е најголем за Европа, со вкупна размена на стоки во вредност од 1,6 трилиони евра. Потоа следуваат Обединетото Кралство, Кина и Швајцарија. Иако ЕУ и Кина размислуваа за ресетирање на односите по царините на Трамп, трговскиот договор во моментов не е во план – принудувајќи ја ЕУ да ги прошири своите партнерства.

Сепак, и покрај краткорочното олеснување за застапниците за слободна трговија во ЕУ, тоа не значи дека склучувањето нови договори ќе биде полесно – барем не сè уште. Постои голема загриженост дека царините на Трамп би можеле да го пренасочат кинескиот извоз од САД во Европа. Тоа сценарио поттикнува повици за поголема заштита на единствениот пазар на ЕУ.

И иако Трамп повторно ги разгоре надежите за можен позитивен исход од трансатлантскиот трговски конфликт за време на неодамнешната посета на италијанскиот премиер Џорџа Мелони на Белата куќа, сеопфатен договор не е на повидок.

Ова е целта на идниот германски канцелар Фридрих Мерц, кој инсистира дека најдоброто нешто за Европа во односите со САД би било да се постигне договор за нула царини.

По неуспехот на преговорите за Трансатлантското партнерство за слободна трговија и инвестиции (TTIP) во 2016 година, Европската унија ги зајакна сопствените стандарди во заштитата на животната средина и човековите права. Но, дури и да ги ублажи или одложи клучните делови од неговиот зелен план, тоа веројатно нема да биде доволно за бизнис-центрираната администрација во Вашингтон.

Слични содржини