Новоизбраниот претседател Доналд Трамп изјави дека Европската унија би можела да се соочи со царини доколку Унијата не го намали растечкиот дефицит со САД со купување американска нафта и гас, пишува Ројтерс.
Според податоците на американската влада, ЕУ веќе го купува најголемиот дел од американскиот извоз на нафта и гас, а дополнителни количини во моментов не се достапни, освен ако САД не го зголемат производството или не ги пренасочат пратките од Азија – уште еден голем потрошувач на американската енергија.
„И реков на Европската унија дека мора да го надополнат својот огромен дефицит со Соединетите Држави преку масовни купувања на нашата нафта и гас“, напиша Трамп на Truth Social.
„Инаку ЦАРИНИТЕ се единствениот пат!!! додаде тој.
Европската комисија не беше веднаш достапна за коментар.
Трамп вети царини за повеќето, ако не и за сите увозни производи, и рече дека Европа скапо ќе плати за децениите голем трговски суфицит со САД.
Трамп, кој ја презема должноста на 20 јануари, веќе вети дека ќе воведе високи царини за трите најголеми трговски партнери на САД – Канада, Мексико и Кина.
Повеќето од европските нафтени рафинерии и фирми за гас се приватни, а владите немаат контрола од каде се изворите на ресурсите, освен ако властите не воведат санкции или тарифи. Сопствениците обично купуваат ресурси врз основа на трошоците и ефикасноста.
ЕУ значително го зголеми купувањето на американска нафта и гас откако блокот одлучи да воведе санкции и да ја намали зависноста од руската енергија по инвазијата на Москва на Украина во 2022 година.
Соединетите Американски Држави станаа најголемиот производител на нафта во последниве години, со производство на повеќе од 20 милиони барели дневно, што претставува една петтина од глобалната побарувачка.
Извозот на сурова нафта од САД во Европа е над два милиони барели дневно, што претставува повеќе од половина од вкупниот извоз на САД, а остатокот оди во Азија. Според податоците на американската влада, најголеми увозници се Холандија, Шпанија, Франција, Германија, Италија, Данска и Шведска.
Соединетите Американски Држави се исто така најголемиот светски производител и потрошувач на гас со производство од над 103 милијарди кубни стапки дневно.
Американската влада проценува дека американскиот извоз на течен природен гас (ЛНГ) ќе просечно ќе изнесува 12 милијарди кубни стапки дневно во 2024 година. Во 2023 година, Европа учествуваше со 66% од американскиот извоз на ЛНГ, а главни дестинации беа Велика Британија, Франција, Шпанија и Германија.
Во октомври, ЕУ постигна трговски суфицит со остатокот од светот од 3,9 милијарди евра, што е намалување од 8,4 милијарди евра во октомври 2023 година. Трговијата на ЕУ со САД, главниот трговски партнер на блокот, покажа вкупен суфицит од 20, 3 милијарди евра во октомври, од 16,8 милијарди евра 12 месеци претходно.
Во извозот на ЕУ доминира Германија, со клучни производи како автомобили, машини и хемикалии.