Трамп ја поддржa Полска; „Ако нешто ја загрозува вашата безбедност, тогаш мора да реагираме“

„Ние сме со Полска, нè обврзува сојуз, а Полјаци, не плашете се од ништо, ако нешто ја загрозува вашата безбедност, тогаш мора да реагираме“, рече Пжидац за разговорот меѓу двајцата лидери.

од Vladimir Zorba
7 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/АП

Полскиот претседател Карол Навроцки разговараше по телефон со американскиот претседател Доналд Трамп за упадите на руските беспилотни летала во полскиот воздушен простор, изјави службеното лице во канцеларијата на Навроцки, Марчин Пжидац, додавајќи дека Полска има силна поддршка од американска страна.

„Америка цврсто ја потврдува својата посветеност на сојузничката поддршка за Полска. Во овој поглед, претседателот Трамп рече: „Ние сме со Полска, нè обврзува сојуз, а Полјаци, не плашете се од ништо, ако нешто ја загрозува вашата безбедност, тогаш мора да реагираме“, рече Пжидац за разговорот меѓу двајцата лидери.

Според него, Трамп ги пофалил и способностите на полските војници, нивната реакција и одлуката да соборат руски беспилотни летала, објавува агенцијата ПАП.

Тој, исто така, истакна дека постои можност за зголемување на бројот на американски војници во Полска, но за тоа се потребни конкретни акции, вклучително и соработка меѓу полските министерства за одбрана и надворешни работи.

Претходно денес, мисијата на Јужна Кореја во ОН соопшти дека Полска побарала состанок на Советот за безбедност на ОН поради нарушувањата на воздушниот простор.

Полска во средата пријави најмалку 19 неовластени упади од руски беспилотни летала, од кои неколку беа уништени, наведувајќи дека беспилотните летала влегле во земјата од Белорусија.

На барање на Полска, НАТО се повика на Член 4 од Северноатлантскиот договор за да започне консултации меѓу членовите на алијансата во врска со нарушувањата на полскиот воздушен простор од страна на беспилотни летала.