Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека имал „многу добар разговор“ со европските лидери, вклучувајќи го и украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека се подготвува за самитот в петок со рускиот лидер Владимир Путин.
Трамп најави можен трилатерален самит САД–Русија–Украина и предупреди на „тешки последици“ за Москва доколку не се согласи на крај на војната.
„Имавме многу добар разговор…. Би го оценил со 10. Знаете – многу, многу пријателски“, им рече тој на новинарите за време на настан во Центарот Кенеди во Вашингтон.
Трамп додаде дека сака да одржи „брз втор“ состанок со Путин и Зеленски по самитот во Алјаска.
„Ако првата помине добро, многу брзо ќе имаме втора. Би сакал тоа да се случи речиси веднаш, и многу брзо да имаме средба меѓу претседателот Путин, претседателот Зеленски и мене. Би бил среќен да бидам таму“ рече Трамп пред новинарите.
Првиот состанок меѓу Трамп и Путин е закажан за петок во американската воена база во Енкориџ, Алјаска. Според американскиот лидер, целта е да се разговара за начините за ставање крај на војната во Украина.
Трамп, исто така, предупреди дека Русија ќе се соочи со „многу тешки последици“ доколку Путин одбие мировен договор.