Во рок од две недели ќе знае дали е можен напредок во напорите за ставање крај на војната во Украина, рече денеска американскиот претседател Доналд Трампи. Тој повторно ја отвори можноста за воведување санкции врз Москва.
„Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека за две недели ќе знаеме во која насока одиме“, рече Трамп на прес-конференција во Овалната соба.
Тој додаде дека по тие две недели ќе донесе одлука дали да воведе „масовни санкции“ или не.
Претседателот на САД не е задоволен од ниту еден аспект од мировните напори и со незадоволство посочува дека има многу омраза меѓу завојуваните страни.
Истакна дека не би сакал да биде присутен на евентуална средба меѓу претседателите на Украина и на Русија, Володимир Зеленски и Владимир Путин.
„Ќе видиме дали Путин и Зеленски ќе соработуваат. Знаете, тие се како масло и оцет. Тие навистина не се сложуваат од очигледни причини, но ќе видиме. Ќе видиме дали ќе морам да бидам таму, што не би ми се допаднало“, рече Трамп, додавајќи дека посакува Зеленски и Путин да одржат состанок сами.