Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги најави новите високи, единствени царини за увоз на стока од најмалку 14 земји. Наскоро се очекуваат царинските стапки и за други земји.
Во објавите на неговата социјална мрежа Трут Соушл тој ги објави скенираните писма испратени на водачите на тие земји, во коишто ги наведува новите царински стапки.
Според објавените документи:
– 25% царина се воведува за увоз на стоки од Јапонија, Јужна Кореја, Малезија, Казахстан и Тунис
– 30% царина за увоз од Јужноафриканската Република и Босна и Херцеговина
– 32% царина за Индонезија
– 35% царина за Бангладеш и Србија
– 36% царина за увоз од Камбоџа и Тајланд
– 40% Царина на стоката од Лаос и Мјанмар
Трамп во писмата наведува дека САД „можеби ќе разгледаат“ прилагодување на царинските стапки „зависно од нашиот однос со вашата земја“.
Писмата се испратени пред истекот на 90-дневната пауза во примената на т.н. реципрочни царини, коишто Трамп ги најави на почетокот на април, а коишто беа снижени на единствена стапка од 10%. Притисоците се покачуваа како што се ближеше датумот на истекувањето – среда – но Белата Куќа објави дека Трамп ќе потпише извршна уредба со која новиот царински режим се одлага до 1 август.
Во писмата се наведува дека новите царини се „неопходни заради исправање на трајните трговски дефицити на САД со тие земји, иако некои од нив – Мјанмар, на пример – имаат многу мали дефицити (579,3 милиони долари во 2024)
Портпаролката на Белата Куќа, Каролајн Левит рече дека оваа седмица се очекуваат писма за нови земји.
Американските берзи реагираа негативно на новите царински стапки.
Индексот Dow Jones падна за 422,17 поени (0,94%). S&P 500 падна за 0,79%, додека Nasdaq Composite падна за 0,92%.