Транспаренси бара Омбдуцманот да ги брани прилепските ученици од директорот!

од Vladimir Zorba
78 прегледи

Транспаренси Интернешнл – Македонија изразува загриженост во врска со активностите на г-н Кире Николоски, кој во својство на директор на СОУ „Мирче Ацев“ пред учениците изнесува свои политички ставови и ги повикува на учество во политички активности, како и за другите случаи во кои директори на училишта ја злоупотребуваат својата положба со цел да издејствуваат одредени политички активности од децата.

Имајќи предвид дека г-н Кире Николоски со своите дејствија го прекршил чл.7 ст.1 од Законот за средното образование и чл.12 ст.4 од Законот за заштита на деца, Транспаренси Интернешнл – Македонија поднесе иницијативи за вршење на инспекциски надзор до Државниот просветен инспекторат и Министерството за труд и социјална политика, а побара постапување и од Народниот правобранител на Република Македонија.

Транспаренси Интернешнл – Македонија бара од институциите да го испитаат случајот согласно своите надлежности и одговорните да бидат казнети согласно законите. Вакви слични случаи повремено се повторуваат, а при тоа не се лоцира одговорност и казните изостануваат. Неказнивоста на злоупотребите на службената положба и политичката заштита над прекршителите на законот мора да престане, па поради тоа ТИ-М ќе ги следи овие постапки до крај и ќе бара доследно почитување на законот

Министерството за образование и наука исто така остро ги осудило ваквите повикувања, а од Државниот просветен инспекторат кратко рекле дека е покрената постапка против директорот, не образложувајќи за каков вид постапка се работи, јави Плусинфо.

Учениците од гимназијата и денес групно ја напуштиле наставата.

Вчера директорот на гимназијата, Киро Николоски, исто така ги ослободи учениците од претпладневната настава за да одат на протести, откако и вчера група ученици од други училишта упаднаа со знамиња и скандирања. Поголема група ученици од четврта година не се согласиле со ставот на директорот и отишле пред неговиот кабинет за да го искажат своето незадоволство, но тој наместо да ги ислуша, почнал да им држи политички говор.