Тренирање на носот: Како да го вратите сетилото за мирис после корона?

од Nikola Popovski
608 прегледи

Душкање од најмалку четири различни мириси, двапати на ден во тек на неколку месеци, е оценето како евтина терапија за губење на чувството за мирис по Ковид-19 и, што е најважно, без несакани ефекти.

Луѓето со коронавирус кои доживеале губење на мирис како резултат на вирусот треба да пробаат да го „тренираат носот“, тврдат научниците.

Вежбата за нос, која вклучува душкање на најмалку четири различни мириси двапати на ден за неколку месеци, е опишана како „ефтина, лесна опција за третман без несакани ефекти“ за решавање на вообичаените симптоми на коронавирус, пренесува Скај Њуз.

Методот е насочен кон закрепнување на пациенти кои биле подложени на Ковид-19 и се базира на т.н. невропластичност, за која експертите велат дека „способноста на мозокот да се реорганизира за да ги компензира промените или повредите“.

Истражувањето, спроведено од меѓународна група експерти за сетилото за мирис, е објавено на Меѓународниот форум за алергија и ринологија.

Авторите советуваат да не се користат стероиди за лекување на губењето на мирис. Експертот во областа на оштетување на сетилото за мирис, професорот Карл Филпот од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Источна Англија, рече дека има многу малку докази дека лекот ќе помогне при губење на мирисот и дека терапиите со стероиди имаат „потенцијални несакани ефекти, вклучувајќи задржување на течности, висок крвен притисок и проблеми со промени во расположението и однесување“.

Пандемијата на коронавирус, според Филпот, доведе до огромен пораст на бројот на случаи на губење на мирис на глобално ниво, а приближно едно од пет лица што доживеа губење на мирис поради вирусот се жалат дека сетилото за мирис не се вратило во целост дури осум недели по појавата на болеста.

„За среќа, за повеќето луѓе кои чувствуваат губење на мирис како резултат на короната, сетилото за мирис ќе се врати спонтано. Истражувањата покажуваат дека по шест месеци, 90 проценти од луѓето можат да очекуваат целосно закрепнување“, рекол професорот Филпот.

Според него, познато е дека тренирањето на мирисот може да биде корисно.

„Тоа вклучува мирисање на најмалку четири различни мириси, двапати на ден, континуирано неколку месеци. На тој начин, тоа е ефтина, едноставна опција за третман без несакани ефекти, за различни причини за губење на мирисот, вклучително и од Ковид-19“, изјавил Филпот.

Слични содржини