Црна Гора добива 5.000 вакцини Спутник V до крајот на неделава

од Nikola Popovski

Првите 5.000 дози на вакцините Спутник V, од нарачаните 50.000, ќе пристигнат во Црна Гора оваа недела, изјави денеска член на преговарачкиот тим за набавка на вакцини од Русија, Сергеј Болјевиќ. Се проценува дека на Црна Гора ѝ требаат најмалку 248 000 дози вакцина, колку што се бара преку програмата Ковакс, со цел да се вакцинираат 20 проценти од населението во две дози.

Болјевиќ објасни дека работат на втората доза да пристигне по 21 ден, со цел да не се загрози процесот на вакцинирање и истакна дека вакцината се чека подолго само првиот пат, а дека подоцна сè оди поорганизирано.

„Првиот контингент е 50.000 дози, ќе има понатаму уште тоа е сигурно, преговорите за повеќе ќе започнат сега. Но, сакам да напоменам дека Русија е подготвена да ѝ даде на Црна Гора онолку вакцини колку што и требаат“, рече Болјевиќ за телевизијата „Вијести“.

Се очекува да пристигнат околу 30.000 кинески вакцини „Синофарм“, како и одредена количина вакцина „Фајзер“.

Преку програмата Ковакс во март се очекува да пристигнат меѓу 21 и 29 000 вакцини Астра Зенека.

Вакцинацијата започна во Црна Гора на 20 февруари, а меѓу првите кои ги примија вакцините беа жителите на домовите за стари лица и медицинскиот персонал.

Првите 2.000 граѓани ќе добијат вакцината „Спутник V“, која Србија ѝ ја донираше на Црна Гора.

Денес се пријавени седум смртни случаи и 400 нови инфекции во Црна Гора, од 1.682 тестирани примероци. Во моментов има 8.233 активни случаи.

loading...

Слични содржини