Пред Судскиот совет стои предизвикот за кадровско пополнување на судовите, како со судии, така и со администрација, особено поради фактот дека следува период во кој многумина судии ќе ги исполнат условите за пензионирање, па како итност се отвора прашањето за избор на нови судии, истакна претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, на конференцијата посветена на Стратегијата за реформа во правосудсниот сектор 2017 – 2022, во организација на Институтот за европска политика и Асоцијацијата зенит, со поддршка на Европската Унија.
Таа додаде дека иако во Стратегијата за реформа на пправосудниот сектор 2017- 2022, но и во други документи, се посочува дека бројот на судии е поголем од европскиот просек кога се мери според бројот на населението, сепак, нашите судии, според статистиката, имаат голем број предмети за решавање, па секое намалување на нивната бројност штетно ќе се одрази врз функционирањето на судскиот систем.
„Можеме во иднина да го отвориме ова прашање, особено кога ќе ги имаме резултатите од пописот, но потребно е време судовите да го совладаат големиот број предмети, а за тоа ни се потребни судии и судски службеници“, рече Црвенковска.
Уште еден предизвик за Судскиот совет во следниот период, додаде таа, е финансиското осамостојување на судската власт со цел да се спроведат посуштински и посеопфатни реформи, а со крајна цел да имаме професионално и ажурно судство, но и задоволни граѓани кои ќе му веруваат.
„Советот е во постојана заложба за зголемување на средствата кои се наменети за судството. Несомнено дека финансиската независност ќе ни донесе порационална распределба на средствата, ќе можеме побрзо и навремено да вработуваме, да планираме инвестиции, но и да се грижиме секој суд да функционира и да ја исполнува основната задача – низ транспарентни постапки да носи квалитетни пресуди“, нагласи Црвенковска.