Цветковиќ: Македонското општество е затворено, но прифаќањето на сексуалните и родови малцинства покажува нагорен тренд

од Берта Китинска

Состојбата со правата на ЛГБТИК заедницата во земјите од Западен Балкан е релативно лоша поради недостаток на политичка волја и популизам како доминантен политички наратив, вели во разговор за „Локално“, Ирена Цветковиќ од Коалиција „МАРГИНИ“.

Таа посочува дека „конзервативен блок“ е оној кој е прилично активен на социјалните мрежи споделувајќи коментари со говор на омраза, повици за насилство.

-Така наречениот конзервативен блок има редовно реакција која најчесто се манифестира преку организирање на контра-парада или марш на семејните вредност. Сепак, присуството на овие контра-собири е далеку помалкубројно отколку присуството на нашите собири. Еден дел од овој овој т.н. конзервативен блок е прилично активен на социјалните мрежи споделувајќи коментари со говор на омраза, повици за насилство како и закани кон организаторите или ЛГБТИК заедницата, подвелкува таа.

Мапата на ИЛГА Европа покажува дека рамноправноста, говорот на омраза за ЛГБТ заедницата во С.Македонија бележи пад. Ваш коментар на што се должи оваа состојба?

-Мапата на ИЛГА Европа ги рангира земјите според заштитата на ЛГБТИ лицата во рамки на националните политики и токму затоа воопшто не е за чудење стабилното дно кое го држи нашата земја. Тоа пред се‘ се должи на фактот дека во последната декада ЛГБТИК заедницата во однос на легислативната рамка успеа да добие единствено заштита во рамки на законот за недискриминација. Колку за илустрација, ваков закон, на пример, има Косово 10 години пред нас. Во меѓувреме законот за матична евиденција кој ја регулираше постапката за правно признавање на родот е повлечен од законодавна процедура, оставајќи ги трансродовите лица без можност за усогласување на нивниот род во документите за лична идентификација. Со други зборови, причина за лошото рангирање на земјата на оваа мапа треба да се бараат кај политичарите, министерствата и парламентот. Состојбата со правата на ЛГБТИК заедницата во земјите од Западен Балкан е релативно лоша од истите причини, недостаток на политичка волја и популизам како доминантен политички наратив.

Може ли да прифати македонското општество една, за западниот свет може да речеме нормална, прошетка на улиците на ЛГБТИК лицата? Какви реакции стигнуваат до вас од „конзервативниот блок“?

Да одговорам накратко- секако дека може. Националната легислатива се чини дека доцни во инклузијата на ЛГБТИК луѓето споредено со општественото прифаќање. Неоспорен факт е дека Македонското општество е конзервативно и затворено, но факт е и дека прифаќањето на сексуалните и родови малцинства покажува нагорен тренд, особено кај помладата генерација. Најголем показател за ова се токму Парадата на гордоста и Викендот на гордоста кои секоја година добиваат се‘ поголема публика. Културните настани од фестивалот Викенд на гордоста и прошетката во рамки на Скопје прајд секогаш се оценети како исклучително позитивно искуство од страна на учесниците, а бројката на присутни од година в година расте.

Така наречениот конзервативен блок има редовно реакција која најчесто се манифестира преку организирање на контра-парада или марш на семејните вредност. Сепак, присуството на овие контра-собири е далеку помалкубројно отколку присуството на нашите собири. Еден дел од овој овој т.н. конзервативен блок е прилично активен на социјалните мрежи споделувајќи коментари со говор на омраза, повици за насилство како и закани кон организаторите или ЛГБТИК заедницата. Во овие случаи може да се каже дека затајуваат институциите кои не ги контролираат (особено повиците за насилство и закани) и не реагираат на време. Наша желба и надеж е мирен месец на гордоста во кој заедницата го слави своето постоење, своите постигнувања, но и потсетува на патот до суштинска еднаквост кој допрва следи.

Сексуалното образование во училиштата наидува на голем отпор од родителите поради недоволна информираност за тоа што всушност треба да се учи и како ќе тече наставата. Подготвена ли е земјава за негово воведување?

Сметам дека перцепцијата вклучена во прашањето е резултат на манипулациите на одредени групи кои во светот се нарекуваат анти-родово движење. Скриени зад флоскуслата „загрижени родители“ овие групи успеаја да наметнат лажна реалност во која наводно сите родители се против ССО. Ако говориме со факти наместо флоскули ние ќе видиме друга реалност. Иманео, истражувањето од 2019 покажа дека исклучително висок процент од родителите, кој се движи меѓу 82% и 96%, се согласуваат младите да изучуваат теми кои се дел од сеопфатното сексуално образование. Најголема согласност (95%) постои за теми поврзана со (1) Заштита од насилство врз жените, сексуалното насилство и насилството на социјалните мрежи, (2) Услуги и медицинска помош при ризик од сексуално преносливи инфекции и ХИВ, (3) Заштита од несакана бременост, (4) Механизми за заштита на сексуални и репродуктивни права, (5) Промени во пубертетот, додека пак прашања кои се изучуваат во рамки на темите за (1) Граѓански аспекти и (2) Род се издвоени како можност за градење на позитивни вредности во однос на сексуалните идентитети и еднаквоста на жените и мажите, но и намалување на стигмата и дискриминацијата кон одредени групи на граѓани во општеството. Со оглед на ова, сметам дека земјата не само што е подготвена туку може да се каже дека премногу доцни во воведување на овој тип на образование.

До каде сме како држава и законодавство во изедначувањето на правата во однос на ЛГБТ-двојките?

Женските гласови во рамки на ЛГБТИК движењето се‘ уште се тивки и често запоставени. Од една страна жените и девојките од оваа заедница се помалку на удар во нашето општество (кога станува збор за пријавени случаи на насилство, семејно насилство и врсничко силеџиство, но од друга страна се занемарени во правните, но и медиумските дискурси.

Потребни ли повеќе активности, собири, акции, трибини?

Видливоста на ЛГБТИК заедницата покажува значителен напредот во последната декада. Кога би требало едноставно да ја оценам ситуацијата со видливоста би рекла- на добар пат сме, треба да се продолжи со исто темпо. Повеќе настани, активности, собири и акции секогаш се добредојдени, но и она што сега го имаме како активизам е значително повидлив и позастапен отколку порано. Во однос на медиумската репрезентација ситуацијата е релативно добра. Имено, медиумскиот интерес, очекувано, се засилува во месецот на гордоста- јуни, но недостасува посериозен медиумски ангажман поврзан со секојдневните искуства и проблеми на оваа заедница. Истражувањето од 2021 за Сексуалните малцинства, родот и медиумите селектираше 321 новинарски написи/прилози посветени на ЛГБТИК заедницата во првата половина на 2021 година, а најголем дел од нив се објавени токму во јуни. Оваа бројка е значително повисока од бројката на селектирани текстови во претходните години. Присуството на темите поврзани со ЛГБТИК заедницата на телевизиите е ниско споредено со порталите, но присуството на дискриминаторски и говор на омраза повеќе се забележува кај порталите отколку кај телевизиите.

Се одржува викенд на гордоста, лани имавме и парада…Колку овие настани променија некои работи (во општеството) кај се буди ли свесноста?

Викендот на гордоста и Парадата на гордоста се настани кои со сигурност можеме да кажеме дека носат општествени промени. Не само свесност, туку овие настани будат интерес на јавноста за квир културата, солидарност со ЛГБТИК заедницата и пред се‘ нудат социјален простор во кој луѓето можат да споделуваат вредности и визии за подобри светови, времиња и услов.

Б.М.

Слични содржини