Министерот за правда Никола Тупанчески и заменик министерот за правда Агим Нухиу кои се во дводневна посета на Тирана оствариле средба со министерот за правда на Република Албанија, Улси Мања. На заедничката прес конференција Тупанчески и Мања информирале за реформите во правосудниот систем на двете држави, процесот на пристапни преговори за членство во ЕУ.
Министерот за правда Тупанчески изјавил дека меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија нема отворени прашања.
,,Имаме заедничка цел, а тое е ЕУ. Поглавјето 23: Правосудство и темелни права е клучно за реформите. Токму поради тоа неопходно е двете држави во наредниот период да ја интензивираат соработката и да разменат искуства, идеи и мислења.Убеден сум дека двете влади имаат волја заеднички да ги решаваат проблемите.Зајакнувањето на правните системи, како и зголемувањето на ефикасноста на правосудниот систем, ќе придонесе да се достигнат меѓународните стандарди на двете земји”, изјавил Тупанчески.
Министерот за правда на Албанија Улси Мања информирал за процесот на ветинг кој според него бил исклучително сложен но сепак дал позитивни резултати. Дури 60% од судиите и обвинителите ја напуштиле функцијата поради неможноста да го докажат потеклото на имотот.
Тупанчески го информирал Мања и за процесот на регистрација на бугарски здруженија во нашата држава и мерките кои ги презема Министерството за правда околу подготовката на Законот за здруженија и фондациии.
Било отворено и прашањето за правата на малцинствата во Албанија со посебен акцент на примената на Законот за малцинства на Република Албанија.Двајцата министри се договорија соработката на билатерално ниво да се интензивира во наредниот период.