Министерот за правда Никола Тупанчевски информира дека е формирана дисциплинска комисија која ќе ги истражи сите детали за случајот со раководителка од ресорното министерство, поради која новинарката Соња Делевска беше повикана во полициска станица.
-По утврдувањето на одредени состојби, сакавме да стигнеме до сите информации за настанот. Треба да се слушнат сите факти. Министерството формира дисциплинска комисија која што ќе го истражи случајот и ќе реагира, рече Тупанчевски во емисијата „Топ тема“.
-Адвокатката во случајот кај мене лично не била, веројатно во Министерството за правда. Треба подолга елаборација зошто е така постапено. Постои закон за бесплатна правна помош и во тој закон се уредени услови за секундарна и правна помош. Доколку некој излезе од лимитот на таа правна рамка, министерството е надлежно да реагира. Во повеќе министерството реагирало во такви наврати. Ова се наводи се уште. Дисциплинската комисија ќе ги истражи сите детали, по што ќе ја информираме јавноста. Сакаме да бидеме на ниво да постапиме соодветно, додаде министерот.
Министерот вели дека постои посебен закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда и тоа е можност доколку некој се почувствува навреден и наклеветен, може да си поднесе тужба.
Новинарката Соња Колевска-Делевска од СДК пред два дена беше повикана на службен разговор во полициската станица Центар поради објавен текст, а по поплака на државна службеничка која е раководителка во Министерството за правда.
Претходно Делевска го објави текстот „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во министерството за правда, а откако одбила била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“ без да биде наведено името на пријавувачката.