Тужба против Болтон: Книга која Трамп не сака вие да ја прочитате

од Nikola Popovski
144 прегледи

САД во вторникот поднесоа тужба против поранешниот советник за национална безбедност, Џон Болтон, во обид да го блокираат објавувањето на неговата книга, за која велат дека содржи доверливи информации и ќе ја загрози националната безбедност.

Граѓанската тужба е поднесена еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Болтон ќе го прекрши законот доколку книгата биде објавена, пренесе Ројтерс.

Трамп го отпушти Болтон во септември минатата година, откако мина 17 месеци како советник за национална безбедност на Белата куќа, пренесува Хина.

Трамп во понеделникот им соопшти на новинарите дека Болтон знае дека има тајни информации во својата книга и не го завршил потребниот процес за објавување на книгата според која поранешните владини функционери кои имале пристап до чувствителни информации мора да поминат, доколку сакаат да објават книга.

Јавниот обвинител Вилијам Бар изјавил дека Министерството за правда се обидува да го убеди Болтон да го заврши процесот и да ги избрише класифицираните информации.

Надворешната политика на Трамп

Книгата на Болтон „The Room Where It Happened: A White House Memoir“ треба да се објави на 23 јуни.

Издавачот преку соопштение во петокот соопштил дека книгата дава „инсајдерски“ поглед на процесот на одлучување на Трамп.

Книгата зборува за тоа како Трамп се справил со Кина, Украина, Северна Кореја, Русија, Иран и неговите односи со Велика Британија, Франција и Германија, се вели во издавачката куќа „Симон и Шустер“.

„Ова е книга што Доналд Трамп не сака вие да ја прочитате“, додаваат тие.

Трамп го отпушти Болтон во септември поради несогласувањата околу голем број надворешно-политички прашања.