Новата училишна година денеска почнува со редовно физичко присуство со почитување на протоколите.
Според министерот за здравство Венко Филипче исклучок се средните училишта во Тетово и во Гостивар кои ќе ја почнат наставата онлајн, заради големиот број на заразени лица во овие градови.
Филипче пoјасни дека предвидени се исклучоци за деца или нивни членови на семејствата кои имаат хронични болести.
– Има реакции на граѓани кои од разбирливи причини се грижат за децата и нивната здравствена состојба и бараат онлајн настава. Ние сме подготвени да дадеме и други препораки доколку забележиме дека ситуацијата се вложува. Подготвени се модели, протоколи и сценарија во Министерството за образование- нагласи Филипче.
Од општина Карпош велат дека основните училишта стартуваат во новата учебна година со полн капацитет, со физичко присуство за сите одделенија.
Ќе се почитува Протоколот пропишан од Комисијата за заразни болести и планот за организација на наставата. Уште првиот ден учениците ќе бидат запознаени со упатствата за безбедност при наставата, со пропишани насоки за движење, со начинот на користење тоалети, со посочени влезови и излези во училиштето. Ќе има различно време за влез и излез (според распоред) на секое одделение, дежурни наставници, а на влезот ќе им се мери температура која не смее да надминие 37,3 степени. Над тоа децата се враќаат дома, велат од општината, додавајќи дека е обезбедена и целодневна настава и продолжен престој, а во училиштата ќе има и редарска служба .
-Забранет е влез во училиштата на родителите, освен оние кои имаат деца со посебни образовни потреби. На повеќе места ќе има средства за дезинфекција, а по завршување на часот и пред влегување на друго одделение клупите ќе бидат поминати со средство за дезинфекција. Нема да биде дозволено мешање на ученици, објаснуваат од Карпош.
Од општината напоменуваат дека училиштата ќе работата по веќе изработено календар за организација и работа.
-Според него учебната година започнува на 1 септември 2021, а завршува наставната на 9 јуни 2022, а учебната на 31 август 2022. Часот ќе трае 40 минути, големиот одмор 15-20 минути, а меѓу часовите одморите ќе бидат по 5 минути, колку да прејдат од една во друга училница. Децата, доколку е убаво времето одморот ќе го користат во училишниот двор и не ќе биде дозволено излегување надвор од дворот на училиштето,Протоколот не е врзан со бројот на ученици, односно класовите може да имаат од 20 до 30 ученици, како што е дозволено со Законот за основно образование и нема потреба од ангажирање дополнителн кадар, но не смее да има мешање на одделенија, додаваат од општината.
Годинава онлајн настава ќе може да следат деца со ретки болести, односно сите кои имаат медицински причини кои имаат потврда од матичен лекар ( со севкупна документација) воедно и учениците кои ќе бидат позитивни или имаат некој челн од семејството во самоизолација ќе може да се вклучуваат на часот онлајн во исто време и ја следат наставата како и другите.
Ќе се врши дезинфекција на клупите при кабинетската настава
Ќе се врши дезинфекција на клупите при кабинетската настава (децата ги менуваат училниците за наредниот предмет), информира министерката за образование Мила Царовска за емисијата „10 минути“ на ТВ 21, одговарајќи на прашања во врска со утрешниот почеток на наставата со физичко присуство и како ќе се одвива таа во услови на пандемија.
Според неа, нема никаква дилема дека тоа може да се спроведе.
-Жените влегуваат во училниците и ги чистат клупите кои се изложени на допир. На крајот на смената ќе се врши целосна дезинфекција, но тука имаат поголема пауза, а пауза има и за време на големиот одмор, рече Царовска.
Таа додаде дека експерти од МОН ги спроведуваат овие протоколи, и сега обврска е да се почитуваат.
-Највисок интерес на учениците е да бидат во училиште. Тоа го покажаа развиените земји и земјите од регионот. Ние сме единствената држава, која најдолго остана со онлајн учење во претходната година, вели Царовска.