Украденото мора да се врати кај народот, вели Мицкоски

„Во моментов повеќе од 50 предмети за висока корупција се во постапка, случаи кои со години биле затскриени, одложувани или игнорирани“, појасни премиерот

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Денеска во Владата се одржувала конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот. Оттаму велат дека тоа е тело кое не е формалност, туку јасна и недвосмислена порака дека државата конечно застанува цврсто, системски и бескомпромисно против криминалот и корупцијата.

Премиерот Христијан Мицкоски порачал дека Владата ја започнала борбата против криминалот и корупцијата не со декларации, туку со дела. Според него, во моментов повеќе од 50 предмети за висока корупција се во постапка, односно како што вели, случаи кои со години биле затскриени, одложувани или игнорирани.

-Но ова не е крај, туку почеток. Очекуваме отворање на нови случаи, темелни истраги и резултати што ќе ја вратат довербата на граѓаните во државата и институциите. Јасно и гласно сакам да порачам: Нема селективна правда. Нема заштитени. Нема недопирливи. Украденото мора да се врати кај народот, рече премиерот во своето обраќање.

Според Мицкоски, денес поставуваат темели на систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, во кој борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика и во кој институциите работат во интерес на граѓаните, а не во заштита на поединци.

-Ова е борба за правна држава. Ова е борба за доверба. Ова е борба за достоинството на граѓаните. И во таа борба, нема да отстапиме, кажа премиерот на седницата.

Одговорен за ова тело е министерот  за добро владеење Арбен Фетаи. Латиф Арифи, национален координатор во владата на Македонија, изјави дека Фетаи, како прв Албанец на чело на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, испраќа јасна порака дека борбата против корупцијата не е церемонијална, туку директен удар врз богатството и неговите корени.