Улиците повторно ќе бидат пусти од 22 часот

од Берта Китинска
235 прегледи

Денеска стапува на сила полицискиот час кој ќе започне од 22, а ќе трае до 05 часот.Седум часовниот прекин на движењето, кој ќе трае до 22 март е со цел да се спречи ширењето на пандемијата.

Во разговор за „Локално“ микробилогот, професорот и доктор Никола Пановски изјави дека воведувањето на рестрикциите во движење ќе имаат одредени ефекти.

-Јас лично предлагав полициски час да се воведе уште есента. Сметам дека ќе имаат одреден ефект, имено постарите лица ќе имаат помалку шанси да се заразат од помладите, кога тие млади нема да се собираат во ноќните часови, но можноста и ризикот и понатаму е голем, бидејќи истите се собираат преку ден во кафулиња и молови. Најголем ефект ќе има во петок и сабота кога младите се навикнати да излегуваат по 21 часот, тука пред се мислам на тинејџерите и во овој случај би биле под контрола во тој период од ноќта. Оваа мерка не влијае битно на економијата, па затоа е единствена која е предложена, вели тој.

Полицискиот час од 22.00 до 05.00 часот како непопуларна мерка се воведува како резултат на групирањата и домашните веселби, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Сепак, морам да нагласам дека граѓаните мораат да ја почитуваат. Бидејќи истите тие кои сега се жалат што ќе се ограничи движењето, ќе негодуваат и кога ќе продолжи да расте бројот на заразени.Дали кога ќе седиме во кафани, во ресторани, во групирања, правење на домашни веселби, не размислуваме дека секој од нас е потенцијална опасност за пренос на вирусот и за евентуална последица смрт?,праша министерот.

Имаме нарачано 2.350.000 вакцини 

Премиерот Зоран Заев рече дека земјата има нарачано 2.350.000 вакцини од различни производители.

„Ние не сме одбиле вакцини, туку баравме повеќе дополнителни официјални информации за вакцините, затоа што во септември минатата година сѐ уште траеше тестирањето на „Спутник В“. Одлуките ги носиме согласно нашите стратешки интереси. Одевме комплетно согласно европските закони и како земја-членка на НАТО, но подоцна се постигна согласност дека приоритет е јавното здравје и дека ќе се бараат вакцини и од други земји“, изјави премиерот Заев во Дневникот на ТВ Сител.

Во изминатите 24 часа, регистрирани се 872 нови случаи на зараза и 22 починати од ковид-19.Бројот на активни случаи е во значителен пораст и сега изнесува 9.300.

Првиот полициски час беше воведен лани на 22 март.

 

Слични содржини