На јавни седници, Управниот суд ќе решава по 7-те тужби од „Европскиот фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија. Со оглед на роковите за постапување и одлучување, Управниот суд итно ги презема сите процесни дејствија согласно со Изборниот законик, се вели во соопштението од претседателот на Судот, Бурим Сејдини.
Во соопштението се наведени и броевите под кои се заведени оформените предмети.
На вчерашната јавна седница, постапката по тужбата од коалицијата „Вреди“ беше прекината, откако овластениот претставник ја повлече тужбата во целост за избирачко место во Долна Бањица, гостиварско.
До ДИК беа поднесени вкупно 27 приговори во врска со резултатите на парламентарните ибори. Од нив, ДИК прифати седум приговора.
Премиерот на техничката Влада, Талат Џафери смета дека имало договор за надгласување во Државната изборна комисија за прифаќање на одредени приговори за изборните резултати и прегласување, и оти на ваков начин се прави обид за изборен инжинеринг за менување на бројките во Собранието и изигрување на волјата на граѓаните.
Изборниот процес кој беше оценет како кредибилен и демократски, сега е во рацете на Управниот суд, рече Џафери и повика сите институции да постапуваат согласно закон без партиски директиви од која било страна.
-Како премиер на Владата на Република Северна Македонија и одговорен за успешноста на изборниот процес на претседателските и парламентарните избори имам добиено извештај од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за изборен инжинеринг со вонинституционален меѓупартиски договор за гласање и надгласување во ДИК во врска со симптоматичните приговори поднесени од страна на учесниците на изборите, рече Џафери на вчерашната прес-конференција во Владата.
Според извештаите, додаде тој, овие претензии се изборен инженеринг и имаат за цел менување на соодносот на бројките во Собраието преку политички договор на маса.
Право на глас по втор пат на парламентарните избори ќе имаат над четири илјади граѓани и нивниот избор може да го промени за две пратенички места распоредот на силите во Собранието. На 8 мај, за парламентарните избори од запишаните гласачи во спорните седум избирачки места, својот глас го дале 2584 гласачи.
По евентуално прегласување во шест избирачки места во петатата изборна единица, на пратеник плус може да се надеваат ВМРО-ДПМНЕ и ЛДП ако на прегласувањето освојат повеќе гласови. Во таков случај, намалување на бројот на пратенички мандати ќе претрпи коалицијата предоводена од ДУИ. Во шестката пак, на пратеник плус се надева коалициајта Вреди.