Уругвај со драматична победа над Египет, Салах остана на клупата

од Vladimir Zorba

Уругвај го започна учеството на Светското првенство во Русија со драматична победа со 1:0 над Египет во вториот дуел од турнирот во групата А. Единствениот гол го реализира Хозе Хименес во 89-тата минута, а со него „урусите“ ставија крај на негативната серија од шест Мундијали, во кои тимот не успеваше да запише победа во првиот натпревар на шампионатот.

Јужноамериканскиот тим цело време ја бараше победата, додека Египет главно се бранеше и се обидуваше да стигне до реми без голови. Луис Суарез пропушти три стопроцентни можности, а малку пред голот, удар на Единсон Кавани ја сретна гредата.
Голманот на Египет Мохамед Ел Шенави одигра одличен дуел, но во 89-тата минута капитулираше.

Па така Русија и Уругвај имаат по три поени во групата А, додека Саудиска Арабија и Египет се без поени.

За „фараоните“ ова беше прв дуел на Светското првенство од 1990 година. Големата ѕвезда на африканскиот тим, Мохамед Салах, кој заработи повреда на рамото за време на финалето на Лигата на шампионите, остана на клупата, иако вчера селекторот Ектор Купер изјави дека напаѓачот е речиси 100% подготвен и ќе земе учество во дуелот.

Денот е посебен за ѕвездата на Ливерпул, бидејќи денес тој ќе наполни 26 години.

Слични содржини