Неофицијално, во Европската комисија постои замореност од извештаите, особено имајќи предвид дека засега немаат преголемо влијание врз одредени земји
Европската комисија утре ќе го објави извештајот за проширувањето на ЕУ и извештајот за напредокот на земјите од Западен Балкан, но следниот, наместо догодина, ќе биде дури во 2018 година, јавува известувачот за „Мета“ од Брисел.
Неофицијално, во Европската комисија постои замореност од извештаите, особено имајќи предвид дека засега немаат преголемо влијание врз одредени земји, но и поради тоа што наскоро нема да има ново проширување на Унијата.
Поткрепа на ваквите тврдења е и несреќно избраниот датум на објавување на прогрес-извештајот за земјите од Западен Балкан, кој се поклопува со резултатите од претседателските избори во САД.
– Очигледно дека им е јасно дека извештајот кој за земјите е важен, нема да има некакво влијание, поради тоа што нема проширување. Па дури и во тие земји од Западен Балкан, утре прва вест ќе бидат изборите во САД, а потоа извештајот на ЕК – вели изворот на „Мета“.
Од друга страна, дипломатите од Брисел велат дека причината не е замореноста, туку обид да се биде во иста линија со останатите европски иницијативи.
По извештајот во пролетта 2018 година, извештајот ќе се објавува секоја пролет, наместо како што беше досега – на есен.
Засега нема официјална потврда дека Европската комисија ќе направи исклучок и после изборите, следната година на пролет ќе изготви посебен извештај за Македонија.