Уставниот суд ги спаси од барок ГТЦ, МОБ и НУБ

од Vladimir Zorba
96 прегледи

Уставниот суд засега ги спаси од барок Градскиот трговски центар (ГТЦ), Македонската опера и балет (МОБ) и Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ (НУБ), откако Владата лани во јули овие објекти ги прогласи за објекти од посебен интерес и му ја зеде ингеренцијата на Општина Центар за нив, објави СДК.

gtc-top-1

Уставниот суд на денешната седница со мнозинство гласови одлучи да поведе постапка за испитување на уставноста на членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој овие објекти се прогласуваат за објекти од посебен интерес заради изработка на планско урбанистичка документација за нив. Според овој член, Владата може без никакви критериуми, по своја желба, волја, потреби и вкус, да донесе одлука да прогласи објект што е од посебен интерес и да го видоизменува, растура, доградува, преправа. Освен што ја донесоа оваа одлука, уставните судии изгласаа и времена мерка запирање на сите активности на Владата за каква било активност додека Уставниот суд не донесе одлука за членот 50, кој е оспорен во целост.

Иницијативата до Уставниот суд ја поднело здружението на архитекти „Проблесок“.

Уставниот суд сега решението за поведување постапка треба да го прати до доносителите на актот, до Владата и до Собранието. Им се дава рок од 30-40 дена тие да одговорат, да испратат мислење, а потоа на седница уставните судии ќе гласаат дали тој ќе биде укинат, поништен.

Судија – известител за овој предмет е уставната судијка Наташа Габер – Дамјановска.

Со ланската постапка на Владата се отстрани Општина Центар како последната пречка за преслекување во барок на овие објекти, оти градоначалникот Андреј Жерновски најави дека нема да дозволи ширење на барокот. Со статусот објекти од посебен интерес, за овие објекти Општината нема никакви ингеренции. Плановите за нив ги прави државната Агенција за планирање на просторот, документацијата ја подготвува Министерството за транспорт и врски, а одобренијата за градење место Општината и Градот, како за сите останати градби, ги издава Град Скопје.