Утре последен ден за исплата на „Мој ДДВ“ – дел од граѓаните се уште не ги добиле своите средства

Досега не се случило да се пролонгира исплатата на средствата на граѓаните, кои поради енормно зголемените цени на производите и нискиот животен стандард, се во исчекување на овие средства.

од Vladimir Zorba
42 прегледи Фото: Локално

Утре, 28 ноември, е последниот рок за исплата на средствата од „Мој ДДВ“, но дел од граѓаните се жалат дека се уште не ги добиле своите максимални 2.100 денари.

Се работи за редовниот поврат за последниот пресметковен период (јули, август и септември) кој пристигнува на трансакциските сметки за скенирање на фискални сметки. Ова е една од ретките мерки во која директно се враќаат средства кај граѓаните.

Според Министерството за финансии, исплатата треба да заврши до 30-ти, но последните два дена од месецов се сабота и недела, односно претстојниот викенд. Оттука не е јасно дали воопшто ќе се врши исплата тие два дена.

За првпат ова тромесечие доцни исплатата на средствата, кои во минатото беа исплаќани најдоцна до 10-ти во месецот. По доаѓањето на актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ, тој рок се продолжи до крај на месецот.

Од Министерството за финансии за доцнењето со стандарден одговор.

Фото: Локално

Исплатата на средствата за скенирани фискални сметки преку апликацијата „МојДДВ“ се врши во рок од 60 дена по завршувањето на кварталот. За третиот квартал (јули–септември), законскиот рок до кога треба да се изврши исплатата е до 30 ноември 2025 година. Најчестите проблеми поради кои има доцнење на исплатата на средствата се поврзани со погрешно внесени или неажурирани податоци за трансакциска сметка во системот на УЈП, велат од ресорот Финансии во изјава за „Локално“.

Досега не се случило да се пролонгира исплатата на средствата на граѓаните, кои поради енормно зголемените цени на производите и нискиот животен стандард, се во исчекување на овие средства.

Инаку граѓаните може во еден квартал да добијат поврат на ДДВ и до 2.100 денари, тоа значи дека доколку едно четиричлено семејство скенира редовно може да направи поврат од 8.400 денари за еден квартален период. За купување на македонски производи повратот е 20 отсто од ДДВ-то, додека за купување увезени производи тоа изнесува 10 отсто.

Претходно од УЈП информираа дека исплатата за вториот квартал од 2025 година (април – јуни 2025 година) е успешно реализирана. Исплатени се вкупно 881.020.500 денари, односно 14.324.725 евра, кон 502.983 корисници кои скенирале фискални сметки преку апликацијата.