Утврден Предлогот на Закон за ратификацијата на Договорoт со ФРОНТЕКС

од Nikola Popovski

Владата го утврди Предлогот на Закон за ратификацијата на Договорoт помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија.

Овој Договор, според образложението од МНР, отвара можност за воспоставување на заеднички операции на Европската Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на територијата на Република Северна Македонија.

Позитивно се оценува склучувањето на овој меѓународен договор којшто ќе придонесе да се воспостави правна рамка согласно новата Регулатива 2019/1896 за Европската гранична и крајбрежна стража, којашто ќе овозможи Агенцијата за европската гранична и крајбрежна стража да ги распоредува своите тимови на територијата на Република Северна Македонија, управување со границите, како и заедничко спречување на прекуграничниот криминал.

Со влегувањето во сила на овој Договор, се овозможува, на барање на нашата држава, да се распоредат полициски службеници на ФРОНТЕКС на критичните точки на границата, заедно со полициските службеници на Република Северна Македонија и исто така ќе придонесе кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење како и можност да се користи целата опрема на ФРОНТЕКС.

Најважен придонес со потпишувањето на овој Договор, според посоченото од МНР, е засилување на безбедноста на граѓаните на Република Северна Македонија, како рамноправен партнер со останатите земји-членки на ЕУ, преку споделување на одговорностите за заедничка безбедност на границата на земјите во Европа.

Договорот треба да се ратификува за да биде дел од внатрешно правниот поредок на државата. По спроведувањето на постапката за ратификација, соодветно за ратификацијата ќе биде известена правната служба при ЕК.

Слични содржини