Увоз на свинско месо од Македонија во Албанија само со сертификат дека не е заразено со „африканска чума“

од Nikola Popovski

Албанија забранила увоз на свињи, месо и нивни производи од Северна Македонија. Причината е затоа што во нашата земја се откриени случаи на заразени со болеста „африканска чума“, јави тиранската „Ора њуз“.

Но, во случаите во кои со сертификати се докаже дека свињите или нивното месо и производи од свинско месо, не се заразени, тогаш ќе биде дозволен нивен увоз. Одлуката ја донело тамошното Министерство за земјоделство и рурален развој и таа ќе важи на неопределено време.

Од нашата Агенција за храна и ветеринарство пред три дена потврдија дека во кумановско повторно е регистрирана болеста африканска чума кај свињи. Засега состојбата е стабилна. На фармата со 600 животни од различни категории, угинати се 60 свињи и во моментот се спроведуваат мерки за депопулација. Од Агенцијата велат во засегнатите подрачја воспоставени се заштитна и зона под надзор.

Во просториите на Општина Куманово веќе се одржа состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во проширен состав, заради појава на свинската болест. Ова го објави градоначалникот Максим Димитриевски на социјалните мрежи.

-На состанокот се донесени неколку заклучоци: Секој орган да постапи во согласност со своите надлежности и овластувања, да се почитуваат сите мерки за спречување и сузбивање на ширење на болеста “Африканска чума” кај свињите; Агенција за храна и ветеринарство да ги превземе сите потребни заштитни мерки при транспорт од жариштето на болеста до утврдената локација за закоп на угинати свињи и да постапува согласно своите протоколи за работа при вршење на закопот, информира Димитриевски.

Слични содржини