Вајц: Македонскиот јазик и идентитет се реалност, а извештајот го потврдува тоа

од Марта Пешевска
35 прегледи

Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се недвосмислено споменати и признаени во најновиот извештај на Европскиот парламент за Република Северна Македонија, изјави европратеникот Томас Вајц, кој е известувач за земјава. Во интервју за бугарската телевизија БТВ, Вајц појасни дека не гледа ништо спорно во тоа.

„Со сето должно почитување – културите, идентитетите и нациите во Европа се тесно поврзани. Тоа го кажувам како Австриец, Словенец, Унгарец, но пред сè како граѓанин на Европската Унија“, рече Вајц во пресрет на гласањето за извештајот.

Во интервју за емисијата „360 степени“, Вајц откри дека токму деловите од извештајот кои се однесуваат на македонскиот јазик и идентитет предизвикале критики од бугарски европратеници. Сепак, тој стои цврсто зад своите ставови.

„Во нацрт-извештајот има јасни формулации за признавање на македонскиот јазик и идентитет. Искрено, ми е жал што воопшто има потреба од тоа, бидејќи е очигледно – Македонците се Македонци, а македонскиот јазик е македонски. Но, поради контроверзи и негирања, особено од бугарска страна, како и претходно од грчка, мора да се стави јасен запис за оваа реалност“, изјави Вајц.

Тој нагласи дека очекува извештајот да добие широка поддршка во Европскиот парламент, бидејќи мнозинството политички групи ја поддржуваат европската интеграција на Северна Македонија.

„Очекувам позитивен исход и силна поддршка за извештајот. Тој ги дефинира потребните чекори за следната фаза – отворањето на пристапните преговори. Гласањето е закажано за следната недела, кога ќе го дознаеме и конечниот став на членовите на Европскиот парламент“, додаде Вајц.

Со ова, Европскиот парламент испраќа силна порака за признавање на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од европската мозаична реалност, и за поддршка на патот на земјата кон членство во ЕУ.

Слични содржини