Вакнин: Технократската влада во Газа ќе служи како смоквин лист за повторно воскреснување на Хамас на територијата и евентуално политичко преземање

„Израел ќе направи компромис за Газа поради нивните исцрпени одбранбени сили и заканите од Иран“, вели аналитичарот Вакнин за „Локално“ за Одборот за мир

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Одборот за мир под водство на американскиот претседател Доналд Трамп првично беше замислен како мала група светски лидери кои ќе го надгледуваат планот за прекин на огнот во Газа. Оттогаш, амбициите на администрацијата на Трамп значително се проширија во многу посложен концепт, при што Трамп упати покани до десетици земји и наговести дека одборот наскоро би можел да посредува во глобалните конфликти.

Пред Давос, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во среда изјави дека се согласил да се приклучи на Одборот, и покрај претходните критики кон овој концепт и неговото тело кое го надгледува прекинот на огнот во Газа.

Статутот на одборот сè уште не е објавен, но нацрт-документот до кој дојде Асошиејтед Прес покажува дека голем дел од овластувањата би биле концентрирани во рацете на Трамп. Според нацрт-документот, уплатата од 1 милијарда долари обезбедува трајно членство. Се чини дека администрацијата на Трамп сега замислува Одбор за мир со многу поширок опсег, кој ќе оди подалеку од Газа.

Во писмата испратени во петокот до разни светски лидери со кои ги поканува да се приклучат на одборот, Трамп рече дека „ќе се впушти во смел нов пристап кон решавање на глобалните конфликти“, сугерирајќи дека тој би можел да дејствува како ривал на Советот за безбедност на ООН, најмоќното тело на глобалната организација основана по Втората светска војна.

Нацрт-повелбата на одборот, поднесена од европски дипломат и потврдена како точна од американски функционер во понеделник, користи широк и амбициозен јазик за да ги опише целите на телото.

Во кратка анализа за „Локално“, Сем Вакнин, израелски аналитичар и поранешен советник во Владата во времето на владењеето на екс-премиерот Никола Груевски, објаснува дека Одборот за мир не треба да се меша со Извршниот одбор за Газа. Според него, Одборот за мир е претставен како постојана меѓународна паралела или дури и замена за Обединетите нации, целосно и единствено контролирана од Доналд Трамп.

-Тоа е дел од неговиот тековен обид да воспостави нов светски и домашен американски поредок со целосно нови институции именувани по него и „во сопственост“ на него и неговото семејство, истакнува Вакнин.

Аналитичарот потврди дека Израел се приклучи на Одборот за мир, но сè уште има трајни и длабоки резерви во врска со Извршниот одбор за Газа, особено во однос на учеството на турски и катарски функционери.

-И Турција и Катар се долгогодишни спонзори на Хамас. Со присуството на Русија (самиот Путин) и отсуството на Саудиска Арабија во Одборот, тој е силно наклонет против Израел.

Израел сега се смета за пречка за евентуалната реконструкција и економско оживување на Газа. Иако може да се создаде обид да се демилитаризира Хамас, малку е веројатно дека ќе се исполни таа цел. Технократската влада ќе служи како смоквин лист за повторното воскреснување на Хамас на територијата и евентуално политичко преземање, укажува Вакнин.

Соговорникот потсетува дека и Израел и САД сега го сметаат Иран за главна стратешка закана, при што израелските одбранбени сили се исцрпени.

-Само воена соработка со САД може да гарантира неутрализирање на иранската закана. Значи, Израел ќе направи компромис во врска со Газа. Израел може дури и да ја прифати Палестинската самоуправа како јадро на идната, скратена палестинска држава. Сето ова за да се гарантира вклучувањето на САД во решавањето на егзистенцијалната закана на Иран кон еврејската држава, оценува Вакнин.

Тој додава дека Трамп е разочаран од Обединетите нации и ги смета, со право, за, како што вели, нефункционална институција.

-Одборот за мир ќе служи како лост за принудување на Обединетите нации да се придржуваат кон агендата и барањата на Трамп. Сепак, многу е малку веројатно дека ќе ги замени Обединетите нации. Веќе неколку земји одбија да станат членки на Одборот за мир, заклучува аналитичарот.

Заедно со Израел, Азербејџан, Обединетите Арапски Емирати, Мароко, Виетнам, Казахстан, Унгарија, Аргентина, Ерменија и Белорусија прифатија да учествуваат. Трамп, исто така, испрати писма со покана до британскиот премиер Кир Стармер, парагвајскиот претседател Сантијаго Пења, канадскиот премиер Марк Карни, египетскиот претседател Абдел-Фатах ел-Сиси и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Русија, Украина, Кина, Косово, Индија, Словенија, Хрватска, Тајланд и извршното тело на Европската Унија, исто така, објавија дека добиле покани.

Портпаролот на британскиот премиер Том Велс изјави дека Обединетото Кралство ја разгледува поканата и дека постои загриженост за можна руска вмешаност.

Кремљ во моментов „ги проучува деталите“ и ќе бара разјаснување на „сите нијанси“ во контактите со САД, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Германија даде воздржан и необврзувачки одговор, а портпаролот на канцеларот Фридрих Мерц, Стефан Корнелиус, во понеделник изјави дека неговата земја ја дели „целта да служи на светскиот мир“, но дека Обединетите нации остануваат „централна мултилатерална рамка за управување со меѓународни кризи и конфликти“.

Сè уште не е јасно колку и кои други лидери ќе добијат покани. Македонија не е меѓу земјите што доби покана.

Норвешка, Шведска и Франција засега нема да се приклучат на Одборот, рекоа оттаму. Откако доцна во понеделникот слушна дека францускиот претседател Емануел Макрон веројатно нема да се придружи, Трамп рече: „Па, никој не го сака затоа што многу брзо ќе се повлече од политиката“.

Белата куќа објави дека Извршниот Одбор ќе работи на спроведување на визијата на Одборот за мир.

Белата куќа, исто така, ги објави членовите на друго тело, Извршниот одбор за Газа, кој, според договорот за прекин на огнот, ќе биде задолжен за спроведување на бараната втора фаза од договорот. Ова вклучува распоредување на меѓународни безбедносни сили, разоружување на палестинската милитантна група Хамас и реконструкција на воено разурнатата област.

Н.П.