Вакнин за планот на Трамп: Празнењето на Газа е незамисливо бидејќи територијата е, и отсекогаш била, нашироко перцепирана како составен дел на палестинската држава

од Nikola Popovski
102 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп предлага Појасот Газа да биде под американска контрола, да го преземат управувањето, да го развијат економски и да го претворат во блискоисточна ривиера населена со луѓе од светот. Шефот на Белата Куќа на средбата со израелскиот премиер Нетанјаху одново предложи трајно преселување на Палестинците во соседните земји. Како што вели, единствената причина зошто Палестинците сакаат да се вратат во Газа е затоа што немаат друга алтернатива. Трамп тврди дека САД ќе го поседуваат и ќе бидат одговорни за демонтирање на сите опасни неексплодирани бомби и друго оружје на локацијата.

Јавноста поделена со мислењата по најавите на Трамп. Дел ги осудуваат, велејќи дека „плановите се повик за етничко чистење и претставуваат воено злосторство“, додека другите ги оправдуваат и сметаат дека „ова може да ја промени историјата“. Во кратка анализа за „Локално“, Сем Вакнин, израелски аналитичар и поранешен советник во Владата во времето на владењеето на екс-премиерот Никола Груевски, вели дека никогаш не поддржува етничко чистење, но, според него, овде се важни фактите.

-Само 30% од населението на Газа се локални жители. Повеќе од 70% се бегалци од поранешната територија на Палестина (сегашен Израел). И Израел и Египет ја сметаат Газа како сериозна закана за безбедноста и сливник на исламскиот екстремизам. Газа е економски зависна од помошта од Израел, Египет и Катар. Тоа не е одржлив геополитички, политички или геополитички ентитет, оценува Вакнин.

Имајќи го предвид тоа, додава соговорникот, празнењето на Газа од сегашното население е незамисливо бидејќи територијата е и отсекогаш била нашироко перцепирана како составен дел на палестинската држава во решението со две држави во однос на израелско-палестинскиот конфликт.

-Дивата понуда на Трамп ќе го поткопа таквиот договор и ќе го остави Израел како окупаторска сила на Западниот Брег на неодредено време, дециден е аналитичарот.

На прашањето каква би била реакцијата на Палестинците, но и околните соседни земји, Вакнин тврди дека пробниот балон на Трамп е мртов уште по објавата. Според него, ниту еден арапски режим не би се придржувал или би соработувал со него, бидејќи тие нашироко и низ светот би биле сфатени како предавнички.

-Дури и Египет и Јордан, кои се зависни од САД, ќе се повлечат. И двете земји се многу загрижени за политичкиот и верскиот екстремизам на палестинското население во целина, тврди Вакнин.

Американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху

Израелскиот премиер оцени дека Трамп размислува оригинално и рече дека вреди да се обрне внимание на идејата на американскиот претседател, која би можела да ја промени историјата.

„Израел ќе ја заврши војната со победа. Победата на Израел ќе биде победа на Америка. Ние не само што ќе ја добиеме војната работејќи заедно, ќе го добиеме и мирот. Со вашето водство, господине претседателе, и нашето партнерство, верувам дека ќе создадеме блескава иднина за нашиот регион и ќе го доведеме нашиот голем сојуз до уште поголеми височини“, изјави Бенјамин Нетанјаху.

Од Хамас ја отфрлија идејата на Трамп како смешна и потенцираа дека ваквите планови се рецепт за хаос. Од Саудиска Арабија повик за признавање на државата Палестина и мобилизирање на меѓународната заедница за поддршка на правата на палестинскиот народ, изразени во резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации.

„Министерството за надворешни работи потврдува дека позицијата на Кралството Саудиска Арабија за формирање на палестинска држава е цврста и непоколеблива. Саудиска Арабија ќе продолжи со своите немилосрдни напори за формирање независна палестинска држава со главен град источен Ерусалим и без тоа нема да воспостави дипломатски односи со Израел“.

Неколку европски земји, меѓу кои Франција, Шпанија и Велика Британија, како и Русија, Турција и Кина, во средата реагираа негативно на планот на Трамп.

Франција во средата ги отфрли коментарите на Трамп, велејќи дека неговиот предлог ќе го прекрши меѓународното право и ќе го дестабилизира регионот.

„Франција го повторува своето противење на какво било принудно раселување на палестинското население во Газа, што би претставувало сериозно кршење на меѓународното право, напад на легитимните аспирации на Палестинците, но и голема пречка за решението за две држави и главен дестабилизирачки фактор за нашите блиски партнери Египет и Јордан, како и за целиот регион“, се вели во изјавата на француското Министерство за надворешни работи.

Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес исто така го отфрли предлогот на Трамп за раселување на Палестинците и создавање „блискоисточна ривиера“ во Газа.

„Сакам да бидам многу јасен за ова: Газа е земја на Палестинците од Газа и тие мора да останат во Газа“, им рече Албарес на новинарите.

Русија верува дека договор на Блискиот Исток е можен само врз основа на решение со две држави, соопшти Кремљ во средата по коментарите на Трамп. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го повтори ставот на Москва дека единствениот начин за решавање на блискоисточниот конфликт е создавање палестинска држава која ќе постои заедно со Израел.

Појасот Газа

„Тоа е тезата содржана во релевантната резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации, тоа е теза што ја делат огромното мнозинство земји вклучени во ова прашање. Ние тргнуваме од неа, ја поддржуваме и веруваме дека тоа е единствената можна опција“, изјави тој за новинарите. Песков додаде дека идејата на Трамп за раселување била отфрлена од големите арапски престолнини.

Кина се противи на принудното преместување на населението во Појасот Газа, соопшти Министерството за надворешни работи на земјата како одговор на предлогот на американскиот претседател.

„Кина се надева дека сите страни ќе го прифатат прекинот на огнот и постконфликтното управување како можност за враќање на палестинското прашање на вистинскиот пат на политичко решение засновано на решението за две држави“, рече портпаролот на Министерството на редовниот брифинг со новинарите.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан го нарече планот на Трамп за релокација на населението „неприфатлив“.

„Изјавата на Трамп за Газа е неприфатлива“, изјави министерот за турската новинска агенција Анадолу. „Протерувањето (на Палестинците) од Газа е прашање што ниту ние ниту земјите од регионот не можеме да го прифатиме. Тука нема збор“, нагласи тој.

Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати повика на итна реконструкција на Газа, без раселување на нејзиното население.

Во тек се преговори од втората фаза за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас која предвидува прекин на огнот за 42 дена. Хамас треба да ги ослободи сите преостанати заложници, кои ги држи од нападот на 7 октомври 2023 година, додека Израел треба да ослободи претходно договорен број палестински затвореници.

Н.П.

Слични содржини