Вакцината е безбедна и ефикасна: Започнува имунизацијата со „Синовак“

од Берта Китинска

Од денеска почнува дистрибуција на вакцините на „Синовак“ во сите центри за имунизација и во центрите за масовна вакцинација, односно спортските сали и здравствените домови.

За ефикасноста и безбедноста на вакцината „Синовак“, Филипче порача дека таа е високо ефикасна за превенција на тешка болест.

Претседателката на Националниот комитетот за имунизација проф. д-р Александра Грозданова очекува дека во текот на летото ќе се аплицира доволен број на вакцини да доколку во есенските месеци се јави одредена промена на епидемиолошката состојба да бидеме спремни и индивидуално но и општествено.

Грозданова објасни дека кинеските вакцини „Синовак“ и “Синофарм“ претставуваат класични вакцини каде е инјектиран ослабен вирус односно технологија за добивање вакцини која се користи децении и е многу позната. Оттука вели Грозданова кај широката популација можеби се доживува како една од најбезбедните платформи во однос на новите вакцини како што беа РНА вакцините. Во однос на возрасна на којашто се дава, Грозданова рече дека нема ограничување и дека во Кина се аплицира и кај деца над 3 возраст, а во нашиот случај ќе се користи над 18г и без ограничување на возраста кај возрасните лица. Вакцината се препорачува кај доилки и трудници за разлика од руската „Спутник„ која што е јасно контраиндицирана за трудници и долки.

„Вакцината е доста безбедна и ефикасноста се движи помеѓу 56 и 78%. Истата е препорачана од страна на СЗО и веќе неколку земји во светот ја користат. Очекуваме и интересот на граѓаните особено по појавувањето на делта сојот односно индискиот сој да се зголеми. Втората доза се дава помеѓу 14 и 28 дена и во нашите протоколи ќе биде избран 21 ден односно на три недели ќе се аплицира втората доза“ – потенцираше Грозданова.

Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека со ова се спремни за една динамика на давање прва доза на вакцина на 10 до 15 илјади граѓани на ден, како и дека од 15-ти или 20 јули е предвидена да започне теренската вакцинација.

Петстоте илјади вакцини на кинескиот производител „Синовак“ што ги набави Владата пристигнаа во неделата. Станува збор за најголема пратка вакцини пристигната во земјава.

Слични содржини