Европската агенција за лекови (ЕМА) даде зелено светло за вакцинирање на деца и адолесценти на возраст од 12 до 16 години со вакцината на Бајонтек-Фајзер.
Одлуката за одобрување за употреба на вакцината за деца и млади беше објавена на 28 мај, по вонредниот состанок на Комитетот за хумана медицина на Европската агенција за лекови (ЕМА) во Амстердам. Иако првично се очекуваше одобрување во јуни, ЕМА побрза да ја донесе таа одлука.
Германскиот производител на вакцини „Бајонтек“ и нејзиниот американски партнер „Фајзер“ поднеле барање за одобрување на вакцината за деца и млади на возраст од 12 до 16 години и доставиле студии за нејзината многу добра ефикасност и подносливост кај вакцинираните лица.
Така, вакцината „Комирнати“ на овие двете компании стана првата вакцина против корона за деца и млади, одобрена за употреба во Европската унија. Досега, оваа вакцина можеше да се користи за вакцинирање на млади луѓе кои наполниле 16 години.
На 10 мај, американската Администрација за храна и лекови (ФДА) издаде итно одобрување за употреба на вакцината „Комирнати“ за деца и адолесценти од 12 до 16 години. Така вакцината се користи во САД веќе неколку недели.