Во средата започна масовната имунизација во земјава откако во неделата пристигна првата пратка на вакцината „АстраЗенека“ преку КОВАКС механизмот.
Од ЈЗУ Здравствен дом Скопје за „Локално“ информираат дека вакцинацијата се одвива непречено по закажани термини на 10 минути од матичен лекар.
-Термините до 13 април се пополнети, во моментов се вакцинираат лицата постари од 77 години. На еден час има по 6 граѓани во вакциналниот пункт. Конкретно за поликлиника „Јане Сандански“, во прва смена има по двајца лекари и три медицински сестри, велат од Здравствен дом Скопје.
Упат од матичен лекар и согласност
Матичниот лекар на секој граѓанин кога му закажува тремин за вакцинација должен е да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде се спрoведува вакцинација против Ковид- 19.
Лицата кои се вакцинираат против ковид-19 во земјава со себе покрај упатот од матичен лекар треба да пополнaт документ за согласност, кој е достапен на сајтот kovid19vakcinacija.mk.
-Согласноста може да биде пополнета претходно, но истата може да се најде и на пунктовите за вакцинација каде може директно да се пополни и да се приложи. Ве охрабрувам сите кои имате можност да го преземете и пополните документот пред да дојдете на закажниот термин за вакцинација со цел да избегнеме гужва и чекање, информираа од министерството за здравство.
Пунктовите работат од 8 до 20 часот
Институтот за трансфузиона медицина во Скопје, веќе ја дистрибуира вакцината „АстраЗенека“ до здравствените установи низ државата. Пунктовите за вакцинација започнуваат со работа од 8 часот и ќе работат до 20 часот секој ден од понеделник до петок. Во Скопје се боцка во поликлиниките „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Букурешт“.Само поликлиниката „Јане Сандански“ ќе работи во сабота, на оваа место покрај вакцинацијата со „АстраЗенека“ се врши и ревакцинација на здравствените работници со „СпутникV“. Освен во Скопје вакцинацијата започна и во Здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци.
СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде вакцинален центар
Се финализираат подготовките на салата „Борис Трајковски“ каде ќе се врши масовна вакцинација. Два ипол месеци салата ќе биде затворена за спорт.
Како што информираше директорот на арената „Борис Трајковски“ , Александар Петровски ракометната, одбојкарската и боречката федерација покажале разбирање и своите натпревари ќе ги играат во друга сала, затоа што арената „Борис Трајковски“ ќе биде резервирана за имунизација против ковид -19 два ипол месеци.
Од МЗ информираат дека дневно ќе се вакцинираат околу 5000 граѓани.
-Подготвени се вкупно 48 позиции за истовремено вакцинирање и капацитет да се вакцинираат околу 5000 граѓани дневно. Согласно планот ќе се работи во две смени од 08:00 до 20:00 часот, соопштија од министерството за здравство.
Воедно салата ќе биде отворена наредните денови. Со новата пратка на вакцините „Спутник V“, ќе се вакцинираат вработени во МВР, во Армијата, во јавниот транспорт….
-Со оваа вакцина ќе се вакцинираат вработени во МВР, делот од Армијата, судовите, обвинителството, патарините, царина, возачите во јавниот транспорт, новинарите, односно сите оние што се во голем ризик и се во поголема возрасна категорија, истакна Филипче.
Важни информации за „АстраЗенека“
-За чување на вакцината не се потребни посебни услови , односно се чува на вообичаени температури од 2 до 8 с .
-Вакцината на Астра Зенека е безбедна за возрасните групи граѓани над 77 години кај нив не се забележани негативни ефекти.
-Исклучително ретки случаи на посериозни тромботични несакани ефекти од Астра зенека засега се појавиле само кај помладите од 60 години.
-Статистички, само 1 случај на 125.000 вакцинирани до 1 на 1 милион вакцинирани појавиле вакви ефекти што значи дека нема простор за никаква паника.
Граѓаните кои веќе ја примиле вакцината во Србија не треба ништо превентивно засега да прават. Сериозни компликации се исклучително ретки како што веќе кажав и кај нив исто така нема простор за паника.
-Сите граѓани кои примија една доза вакцина ќе бидат и ревакцинирани, согласно препораките кои ги очекуваме во следниот период.
-Кај нас досега има регистрирано досега еден случај на девојка којашто има 28 години и таа од вчера се наоѓа на болничко лекување со тромботичен ефект којшто се поврзува со примање на една доза на вакцината Астра Зенека.
Б.М.