Олеснувачот во преговарачкиот процес, Питер Ванхауте, на денешниот брифинг со новинари ја спореди Македонија со Белорусија кога беше прашан дали ЕУ ќе им наметне санкции на македонските владини функционери, рече дека ситуацијата е многу сериозна и критична и дека Македонија има проблем со стабилноста  и безбедноста поради што решенија мора да бидат најдени

dogovor1

Парламентот го искритикува дека е недемократичен и нефункционален, дека Македонија има проблеми со целиот државен апарат и изрази сериозна загриженост за работата на судовите.
Според него во Македонија е потребен процес на помирување, граѓаните отворено да почнат да зборуваат за нивните проблеми и за неправдата која ја преживеале. Луѓето, рече тој, мора да ја раскажат сопствената приказна, го пренесува излагањето на Ванхауте а1он.

По однос на преговорите кои континуирано се одолговлекуваат, Ванхауте рече „ова не може да продолжи уште долго, рокот е веќе пробиен и оставаме уште еден, два или три дена да видиме дали ќе има напредок“.

ЕУ е подготвена да и помогне на Македонија и да го забрза решението во спорот со името, но, рече тој, за сега името не е возможно да се реши затоа што постојат внатрешни проблеми во Македонија.

Доколку до почетокот на ноември не бидат избрани членовите на Државната изборна комисија и доколку ДИК не почне да функционира, нема да имате предвремени избори, предупреди белгискиот експерт. Изборот на членовите, како што рече, се одолговлекува затоа што нивното назначување мора да го потпише министерот за информатичко општество и администрација. Од ВМРО-ДПМНЕ тврделе дека тоа не може да се случи затоа што откако Иво Ивановски поднесе оставка Информатичко општество нема министер.

-Тоа е потсмевање со сопствената држава. Законите јасно наложуваат доколку нема министер, заменик министерот ги презема сите надлежности – рече тој.

Во врска со најважната тема деновиве, околу министрите и замниците-министри за формирање на предна Влада, Ванхауте рече дека партиите постигнале договор кој мора да се почитува. Во овој дел тој отворено застанува на страната на СДСМ од каде бараат да не се ограничуваат овластувањата на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика кои опозицијата треба да ги предложи. Наводно ВМРО-ДПМНЕ побарале овие министри да имаат ограничени ингеренции, а замениците-министри кои ќе бидат од нив предложени, да имаат право на вето по секое прашање.

-Имавме договор кој не е испочитуван. Не може министри да се назначат за да пијат кафе, туку за да имаат моќ која ќе можат да ја искористат – рече тој.

Едно од прашањата кој го кочат прогресот во преговарачкиот процес, е она за специјалното јавно обвинителство. Ванхауте рече дека парламентот изминатиов период одбил да расправа на барањето за автентично толкување на Уставот во делот за јавен обвинител, односно дека Собранието одбива да го стави ова на дневен ред.

Вахнауте, при тоа, додаде дека законот не е противуставен затоа што во него има одредби кои ја гарантираат уставноста. Освен тоа, рече, институцијата со која ќе управува Катица Јанева е привремена и се однесува само на прислушуваните разговори, а ги има потребните врски со постоечкото Основно јавно обвинителство.25038golema

Во овој дел, белгискиот експерт, изрази длабоко жалење за функционирањето на судството и Уставениот суд.

-Длабоко сум загрижен. Ние не сме слепи, гледаме се што се случува. Многу сме загрижени за судовите и нивната подготвеност да покажат дека се независни. Не може некои институции и некои луѓе да се однесуваат како да се над законот. Законот за специјално обвинителство го усогласија партиите и беше донесен во Собранието. Институциите и луѓето во нив мора да ја почитуваат сопствената легислатива, а специјалниот јавен обвинител има право и автономија да ги избере своите обвинители, своите ресурси и финансии – рече тој.

Анкетната комисија во Собрание веќе требаше да профункционира, рече, но ништо не се случува.

-Очигледно некои луѓе не сакаат истрага. ВМРО-ДПМНЕ бара Комисијата да не расправа за содржината на разговорите. Имате проблем ако не се расправа за содржината. Побаравме мислење и од други парламенти, ставот е дека не може да се расправа за прислушуваните разговори, без да се отвори прашањето за нивната содржина – рече тој.

Во овој конктекст Ванхауте додаде дека до Советот на Европа ќе бидат испратени пораки дека Македонија има сериозни проблеми кои мораат да бидат решени.

На прашање кој е планот Б, Ванхауте рече дека во моментов се отворени сите опции.
-Не знам што ќе излезе од ова. Се надевам нешто добро.

Слободата на медиумите и изразувањето е суштинско, рече тој, секоја донесена регулатива мора да биде на линија на европските принципи и стандарди. ЕУ нема да прифати никаков предлог кој е спротивен на тоа.

По однос на барањето со закон да се забрани употреба на „бомбите“, Ванхауте рече дека новинарите имаат должност да објават информација доколку таа информација претставува јавен интерес. Луѓето, рече тој, имаат право да знаат што се случува со нивните пари.Picture2

Извештајот на Прибе бил дел од разговорите на работните групи. Ванхауте посочи дека извештајот констатира прекршување на човекови права со масовното прислушување и упад во личните податоци. Но, додаде, разговорите откриваат очигледно инволвирање на владини фунционери во нелегални активности. На работните групи им било посочено дека има наводи за изборни манипулации, за корупција, уцени, конфликт на интереси, криминал, непотизам, мешање на власта во судскиот систем и назначување на судии, злоупотреби на положбата за стекнување имотна корист.

Како што рече тој, заклучокот од се ова е „Убиј го гласникот“, затоа што, рече, за „бомбите“ веќе никој не зборува и постојат напори тие да се поттиснат.

Последното прашање беше има ли нешто позитивно во целиот процес досега, Ванхауте експресно одговри – единствено што седнаа да разговараат.

 

Слични содржини