Ванковска: Ние сме колонија, која замислува дека слонот и глушецот можат да бидат сојузници, па уште и стратешки

Во моментов САД води политика која наскоро ќе ги доведе властите до тоа да се изјаснат по многу прашања, како на пример „дали си за Трамп или за Урсула“ - кого ние ќе слушаме?, вели Ванковска за „Локално“

од Nikola Popovski
34 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

„Мислам дека е ова глобален сигнал, а ако е и институционален – тој се однесува на американската имиграциона политика. Сигналот навистина доаѓа од Вашингтон, но во својата (барем навидум) хаотична политика кон остатокот од светот, тој опфаќа и дел од неговите сојузници. Трамповиот поглед на свет е некаква мешавина на ксенофобија, расизам и империјална манија. Се сеќавате на недамнешниот расистички говор кон конгресменката Илхан Омар, која има демократски легитимитет и американско државјанство? Овој потег со преиспитувањето на политиката на издавање иселенички визи е сличен на оној со царините, кога на листата се најде и остров населен само со пингвини. Тоа е во еден дел како онаа детска игра „кого удрам не жалам“, вели во разговор за „Локално“, професорката во пензија и поранешна кандидатка за претседателка на државата, Билјана Ванковска на темата околу суспензијата на иселеничките визи за 75 земји, меѓу кои се најде и Македонија.

Всушност, оценува Ванковска, САД во вториот мандат на Трамп воведуваат построги критериуми за секаков вид визи, одземени се огромен број веќе издадени визи, а некои студенти се протеруваат заради слободно кажан збор (за Газа, на пример).

-Се градат ѕидови и се шири омраза кон сите што не се „чисти Американци“. Ние не сме на радарот на Вашингтон, ние немаме никакво значење за него. Истото е и со Црна Гора. Кажете, од рационална гледна точка, каква „закана“ или социјален товар претставуваат овие две микро-земји? Но, да бидеме реални, САД прераснува во современ Рим, кој одбира и селектира кому ќе му дозволи пристап. Сè повеќе не-Американци длабоко размислуваат пред воопшто и да тргнат кон САД, дури и на академска конференција или туризам, заради личната несигурност и бруталноста на нивните гранични власти. Колку што мене ми е познато, официјалната аргументација на Вашингтон во овој дел од политиката на затворање кон светот се однесува на социјални, а не политички критериумите: т.е. колку државјани на трети земји досега го чинеле или би го чинеле американскиот социјален систем доколку добијат иселенички визи. Попросто кажано, САД не сакаат да прифаќаат лица од повисока возраст, со здравствени (ментални?) проблеми, вклучително и прекумерна тежина (!?), и секако – не такви кои се критични кон САД или се со позиции спротивни на американската надворешна политика. Значи, ние сме дел на еден многу поголем и посериозен мозаик на една политика, укажува професорката во пензија.

Околу дилемата дали Македонија е на листата на САД поради реален пад на довербата и слаб меѓународен рејтинг, Ванковска смета дека треба конечно да се свестиме дека нашите лидери се фасцинирани и од една амбасадорка, а камоли од средби со повисоки претставници на американската администрација.

-Тие, таа своја фасцинација ја пренесуваат овде, фалејќи се и толкувајќи ја како „стратешко партнерство и доверба кај сојузниците“. Поподаничка власт од оваа (кога станува збор за Вашингтон) не сме виделе. Додуша и поголема ароганција на моќта во Белата куќа не сме виделе… Власт која без око да ѝ трепне ни порачува дека не ја засега меѓународното право и дека може да киднапира претседатели. Ние сме толку мали и безначајни за тој „Олимп“ на моќта, што тоа дури и не го забележуваат сето ова поклонување (за да, на пример, направат симболички гест и нè изземат од оваа мерка). Што се однесува до меѓународниот рејтинг, според мене, зборот „рејтинг“ и „Македонија“ во надворешните односи не одат во иста реченица. Колку повеќе ги задоволуваме „двете сонца на Западот – Брисел и Вашингтон“ толку помалку интегритет покажуваме. Зошто би имале меѓународен рејтинг? Со што се истакнуваме? Да не се поединци, особено од уметноста, за нас нема ништо добро да се чуе, особено сега кога сме сосема поклопени и замолчени под западниот чадор, потенцира Ванковска.

Дел од коментарите се дека листата на 75 земји е изненадување и е „случајна“. Запрашана дали по случајност сме се нашле во ист кош со другите, но и поради констатацијата дека соседот Србија, на пример, не е во тој „кош“, професорката укажува дека според некои податоци, низ призмата на американската социјална статистика, иселениците од Србија се покажале како „вработливи“, т.е. не како иселеници кои бараат социјална помош туку кои се поснаодливи во добивањето вработување.

-Но, за разлика од Србија, иселеници од типот на баратели/корисници на социјални услуги имало повеќе од Македонија и Црна Гора – по глава на жител. Значи, како апсолутна бројка, колку и да се иселиле под такви услови, за огромната Америка тоа е безначајна бројка, но ако примениле посебни критериуми – тогаш ете го одговорот зошто ние сме на листата, а Србија не е. Сепак, иако ова прашање ја вознемири јавноста (а донекаде и ја забавуваше поради фактот дека Трамп веќе неколку пати нè именува само како Македонија), мислам дека овде тоа се користи за меѓупартиска пресметка (кој е подобар и попочитуван вазал на САД), објаснува Ванковска.

По однос на прашањето дали постојат „специјални“ или „стратешки“ односи меѓу Скопје и Вашингтон во моментов, или од преземањето на власта на администрацијата на Трамп, соговорничката вели дека се сложува со оценката на амбасадорот Никовски: „ние страдаме од илузии за стратешки партнерства или посебни односи со САД уште од 2008“. Според Ванковска, таа „утешна награда“ никогаш не се материјализираше во некакви инвестиции и развојна помош.

-Ние сме задолжени до гуша со договорот со Бехтел и Енка, се сложивме со уцената на Трамп за издвојување на 5% од нашиот БДП за НАТО (за војување, не за мир и економија како што нè лажеа со децении). Постои и некакво (недокажано) уверување дека Републиканците генерално (сега Трамп и МАГА) биле понаклонети кон нас отколку Демократите. Моето мислење е дека тоа кој седи во Белата куќа е сосема нерелевантно за малите земји на периферијата. Владините претставници се пресреќни кога ќе ги прими и заменик на заменикот на заменикот на некој департмент, ние сме колонија, која замислува дека слонот и глушецот можат да бидат сојузници, па уште и стратешки. Во моментов САД води политика која наскоро ќе ги доведе властите до тоа да се изјаснат по многу прашања околу она „дали си за Трамп или за Урсула“. Тоа ќе биде вистински тест: кого да слушаме? Кому да се поклонуваме? Ова со иселеничките визи навистина може да биде болно прашање низ очите на индивидуалните судбини, каде на пример старите родители нема да можат да заминат кај своите деца затоа што се стари и болни, или ќе се бараат огромни гаранции и сл. Но, на државно ниво нас треба да нè загрижува воено-политичката и економската состојба на Западот, а не визите, уверува професорката.