Ванковска за „Локално“: Обидите за создавање собиралишта на „вишок мигранти“ сега се фокусира на т.н. безбедни земји кои не се во ЕУ, но се зависни од странски кредити и донации

„Идејата за плаќање 20 илјади фунти по мигрант потсетува на договор што ЕУ го имаше со Турција за да ги задржи (во шатори) воените бегалци од Сирија“, вели поранешната кандидатка за претседателка на државата, Ванковска

од Nikola Popovski
56 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Слободен печат

Зад сегашната бура во јавниот (и политичкиот) дискурс околу „страшните мигранти“ лежи легендарна нетранспарентност на македонските власти, и тоа со години. Нешто слично имавме и во еден момент за време на владеењето на СДСМ-ДУИ, па тогаш ВМРО-ДПМНЕ користеше слична критичка реторика и јавна мобилизација. Впрочем, минаа само десет години од она што го нарекувавме „мигрантска криза“ – кога наплив на бегалци и мигранти се движеа од Грција кон Европа (Германија, главно). Јавноста редовно реагира со страв и демонизација на страдалници. Ние неколкупати прогласувавме кризна состојба, добивавме бодликава жица и полициски сили како помош за заштита на границите на она што јас го нарекувам „Тврдината Европа“, вели во разговор за „Локално“, професорката во пензија и поранешна кандидатка за претседателка на државата, Билјана Ванковска на темата околу мигрантите која ја бранува домашната јавност во последните неколку денови, откако за тоа објавија дел од британските медиуми како „Тајмс“, „Експрес“ и „Сан“.

Според Ванковска, факт е дека европските демократии, вклучувајќи ја и британската, одамна потфрлија со политиката на инклузија и мултикултурализмот. Наместо тоа, додава, јакнеа силите на ксенофобични сили, кои мигрантите ги користеа за своја политичка мобилизаторска платформа.

-Всушност, не треба да нè чуди што Европа остана „бела, христијанска, ексклузивен клуб“ кој тешко се снаоѓа со она што на Балканот е секојдневие (општествена шареноликост, па и соживот, ако сакате – и покрај проблемите кои произлегуваат од економско/класно-социјалната нееднаквост и страв за егзистенција). Она што мене ме загрижи од првиот момент кога се најави спектакуларен стратегиски договор со Обединетото Кралство беше токму нејаснотијата за што всушност станува збор, посочува Ванковска и додава дека државниот врв предводен од премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот Александар Николоски, заедно со министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, се потрудија тоа да го претстават како спектакуларен успех, а во основа станува збор за спасување на бродот кој тоне од економски причини.

Соговорничката оценува дека ние всушност само се задолжуваме, а дури и да има некаков мал раст на БДП, тој е невидлив за граѓаните и нивниот стандард.

-Ние живееме на кредит, на рати, и евентуалните економски придобивки одат на враќање камати. Притоа, нема никаков напор за воведување ред, владеење на правото, но и воведување на систем на напредување по заслуги/квалитет. И кога веќе зборуваме за наводно зголемување на БДП, да ве потсетам дека овој државен врв без збор протест или загриженост (како Шпанија и некои други сојузници) ја поздрави одлуката на НАТО за издвојување 5 отсто од БДП за воени потреби. Е сега да се вратиме на прашањето како што вие го формулирате… На него може да се постави контрапрашање: зошто се обврзавме да земаме кредит од Обединетото Кралство, земја која паѓа во сериозна социо-економска криза, а Владата на Стармер е на климави нозе? Тоа е земја во сериозна внатрешна криза. Обидите за создавање собиралишта на „вишок мигранти“ кај нив е стар, но сега се фокусира на т.н. безбедни земји, кои не се членки на ЕУ, но се зависни од странски кредити и донации. Зошто Македонија дозволува да биде третирана како колонија, како територија? Зошто власта ја крие содржината на договорот? Самата идеја за плаќање 20 илјади фунти по мигрант прво потсетува на еден сличен договор што ЕУ го имаше со Турција за да ги задржи (во шатори) воените бегалци од Сирија и тоа во крајно нехумани услови. Потоа, на ум паѓаат сликите на „италијанскиот Гвантанамо“ комплекс каде се чуваат несакани мигранти (кои стасуваат со бродови од Либија, земјата која и тие помогнаа да се уништи по Гадафи и заради американски интереси). Трговија со живи луѓе, кои се притоа прикажувани како ментално болни, девијантни, насилни, злосторници и слично не е ништо друго туку нивна човечка деградација, понижување и одземање на човечкото достоинство и спротивно на меѓународното право, констатира пензионираната професорка.

Ванковска оценува дека требаше да има дебата и расправа пред потпишувањето на Договорот со Велика Британија. Според неа, тој требаше во најмала рака да им биде даден на увид на народните пратеници и да се отвори дебата.

-Сега влегуваме во политичка пресметка во која наместо информации и факти ќе добиеме меѓусебни обвинувања, и обиди политички да се профитира од сеење страв и нетрпеливост. Многу лош амбиент за рационални одлуки, истакнува соговорничката.

Премиерот вели „не“ за мигрантски кампови и нема да се поставуваат шатори, СДСМ вели се планираат мигрантски центри, додека Британците тоа го нарекуваат „нов систем за „повратни центри“, кој досега не е познат. Запрашана дали воопшто ќе можеме да ги видиме тие луѓе како доаѓаат, со оглед на шпекулациите дека ќе се вселуваат во станови како обични граѓани и оттука ќе почне нивната „социјализација“, Ванковска потсети дека веќе укажала како е против демонизација на луѓе кои уште не стасале и вели дека за малку ќе бев линчувана со неверојатен наплив на омраза и ксенофобија, што по малку ме зачуди и згрози.

-Впрочем, овој народ бил историски во ситуации да го третираат како стока, да го протеруваат и раселуваат. Очекував малку разум и емпатија, но попусто. Да ги оставиме мигрантите настрана засега – и тие се третирани слично како нашава држава. Како колонијален товар и предмет. За да некој се вселува во станови – прво треба да има станови на располагање, зарем не? Јас не гледам ни подготвеност на македонската власт да прими поголем број луѓе и да им даде хуман третман (белки, не очекуваме овде да отвориме македонски Гвантанамо?). Шпекулациите се можеби добри за евтини политички поени и јавна мобилизација, но барање одговорност и отчетност од власта е нешто друго. Тоа мора да се направи под итно, и се надевам Мицкоски нема да одговори во стилот „ајде да мислиме на убави нешта, празници се ближат“, наведува Ванковска.

Иако властите категорично демантираа, евидено е дека недостасува реакција на граѓаните и таа останува само на социјалните мрежи. Според професорката во пензија, „како да забораваме дека граѓански акции овде не виреат, особено по 2015/16 година. Во разговор за „Локално“ вели дека сега (секоја) власт има слободни раце да прави што сака без одговорност – дали е во прашање модуларна болница, онкологија, Кочани, депонии или распродажба на природни ресурси.

-Народот е малодушен и смета дека нема сила да смени нешто. Како што реков, не мислам дека протести против мигранти е решение, бидејќи уште не располагаме со елементарни информации кои власта е должна да ги даде. Дури и ако треба да признае дека е во должничко ропство пред Лондон. Ме разбирате? Јас секако сум против овој нејасен и фантомски договор (полн со детали, а ѓаволот е во детаљите), но гневот не би сакала да се насочи на погрешна цел. Не се криви мигрантите кои некој (Западот) исто така ги третира како и земјите кои претходно им ги уништи. Тие уништуваат и војуваат, дискриминираат бегалци (оние со бела кожа се добредојдени и никој не ги праќа во собирни центри), ни земаат од сиромаштијата за воени цели и уште очекуваат ние да ги санираме последиците од нивните деструктивни потфати. Точно е дека Македонија старее и едвај можете мајстор да најдете, ама пак старее и Европа – која останува ксенофобична и неодговорна за своите колонијални политики, заклучува Ванковска во анализата на темата.

Н.П.