Ракометарите на Вардар забележаа победа во својот последен меч сезонава во СЦ „Јане Сандански“. Денеска го надиграа Пик Сегед и го совладаа со 31:23 со што добија убава предност пред реваншот и тргнаа полека кон ново учество на Ф4 турнирот во Келн. Дотаму ги делат уште 60 минути во Сегедин каде на 5 мај ќе се биде голема битка за севкупен четврт-финален триумф.

Сосема очекувано од стартот на средбата имаше испитување на силите, но траеше само неполни десет минути. Толку му беше потребно на Вардар за да успее да го сврти мечот во своја корист и да ја преземе контролата на резултатот.
Во првите неколку напади Пик Сегед беше тимот кој беше во водство, а Вардар израмнуваше, но после 2:3 прво беше направен пресврт за водство од 4:3, а потоа од нерешени 4:4 се стигна до 8:4 на средина од првиот дел. Тука работите веќе даваа позитивен сигнал за „црвено-црните“.
Највисоката предност во првото полувреме беше обезбедена во 21. минута кога резултатот беше 11:6 во корист на Вардар, но за жал овие пет гола беа загубени во продолжението од првиот дел, кога гостите се вратија и намалија до два негатива. Вардарци заминаа со 14:12 на пауза, но ова не беше водство кое даваше можност за мирно продолжение.
Вториот дел Вардар одново беше на ниво и стигна до плус четири, но тоа го имаше во две ситуации. Прво беше при 17:13, а потоа и при 21:17. Сепак, гостите се враќаа. И на двете страни имаше моменти на падови во играта, но и на кревање при што постојано се менуваше разликата која остануваше во корист на вардарци.
Конечно по третпат четирите гола разлика дојдоа во 53. минута кога Вардар поведе со 25:21 и влезе во финиш од мечот со убава предност која требаше да се одбрани и зголеми. Кога беше најпотребно Милосављев одбрани тежок удар, а потоа Кристопанс имаше одличен шут од далечина за враќање на највисоката предност од пет погодоци, 27:22. Потоа следуваа Карачиќ, па Дибиров… Следуваше пекол каков што се случил многупати досега во СЦ „Јане Сандански“, но денешниот беше посебен.
ВАРДАР – ПИК СЕГЕД 31:23 (14:12)
Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 5000. Судии: Михал Бадура и Јарослав Ондогрекула од Словачка. Делегати: Томо Водопивец од Словенија и Висенте Брето Леон од Шпанија.
ВАРДАР: Милосављев (9 одб., 1 сед.), Гедбан, Стоилов, Недановски, Поповски, Кристопанс 8/12, Мораеш 3/4, Карачиќ 8/12, Скубе 6/6, Калараш, Чупиќ 1/4, Дибиров 4/8, Горбок 1/1, Шишкарев, Војводиќ, Кисељев.
Седмерци: 1/4, Исклучувања: 6 мин.
ПИК СЕГЕД: Алиловиќ (7 одб., 2 сед.), Шего (1 одб., 1сед.), Македа 2/5, Калман 3/4, Бодо 2/6, Сигурмансон 2/3, Кањелас 1/1, Хенигман, Балог 3/6, Блажевиќ, Габер, Шоштариќ 2/3, Банхиди 5/7, Кашпарек, Бомбач 3/4, Житников 0/1.
Седмерци: 4/6, Исклучувања: 10 мин./Rakomet 24