Васил Јованов, кој на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ ја прегази Фросина Кулакова од Неготино, призна вина на денешното прво рочиште од судењето. Тој е обвинет е за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Произнесувајќи се за вина пред судот, на семејството на Фросина им изрази сочувство и извинување. Потоа во својата изјава пред судијата порача: „Да, виновен сум“.
По ова, за многу скоро од денес, се очекува Кривичниот суд да изрече и пресуда за трагичниот настан. За кривичното дело е предвидена затворска казна до 20 години.
Во судницата се присутни се мајката, таткото, сестрата, братот и момчето на младата девојка кои побараа оштета во граѓанска постапка. Сите тие носат маици со натпис „Правда за Фросина“.
Во рок од два месеци од трагичниот настан, надлежниот јавен обвинител ги прибра сите докази и вештачења кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот.
-Согласно доказите, на 29 јануари 15 минути пред полноќ, обвинетиот без воопшто да поседува возачка дозвола, управувал патничко возило ‘пежо 207’ сопственост на неговиот татко. Не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Автомобилот го управувал под дејство на алкохол, односно со 0.80 промили во крвта, но и со брзина на движење од 91 km/h што е речиси двојно поголема од дозволената. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот ‘Партизански одреди’ и улицата ‘29-ти Ноември’, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот кој сигнализирал забрана за минување и со предниот лев дел од возилото кое го управувал удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која поминувала на обележан пешачки премин и на зелено светло за пешаци, го опиша Обвинителството ова дело во обвинението.