Велика Британија излезе од рецесија

од Vladimir Zorba

Британската економија порасна за 0,6 отсто во првиот квартал од оваа година, објави во петокот Канцеларијата за национална статистика (ONS). Тоа беше посилен раст од очекуваното. ONS соопшти дека закрепнувањето било предводено од услужниот и индустрискиот сектор.

Услугите се зголемија за 0,7 отсто во првиот квартал со широк раст во целиот сектор. Преработувачката индустрија порасна за 0,8 отсто, додека градежниот сектор падна за 0,9 отсто, пишува „Гардијан“.

Зголемување има и на обемот на нето-трговската размена, потрошувачката на домаќинствата и државната потрошувачка. Овој раст на БДП значи дека економијата на Велика Британија повеќе не е во техничка рецесија, откако активноста падна во третиот и четвртиот квартал од минатата година.

Британската економија порасна побрзо од многу нејзини главни конкуренти на почетокот на годината бидејќи закрепна од рецесијата. Растот од 0,6 отсто забележан во периодот од јануари до март е побрз од САД, каде БДП порасна за 0,4 отсто, Германија и Франција со раст од 0,2 отсто и Италија со раст од 0,3 отсто.

Од останатите земји од Г7, се проценува дека и Канада пораснала за 0,6 отсто во првиот квартал, додека економистите прогнозираат дека Јапонија ќе порасне за 0,2 отсто.

Лондонската берза одговори со пораст на индексот во петокот, откако ONS ги објави податоците за првиот квартал, кои ги изненадија економистите и ја намалија потребата за намалување на каматните стапки во јуни. FTSE 100 доби 0,5 отсто во почетокот на тргувањето во петокот, додека индексот FTSE 250 додаде 0,3 отсто.

Фунтата порасна за 0,1 отсто во однос на доларот на 1,2535 долари, откако податоците на ONS покажаа дека британската економија пораснала побрзо од економиите на САД и еврозоната во првите три месеци од тековната година.

Слични содржини