Фудбалерите на Барселона ремизираа против Селта на „Камп Ноу“ во 14. коло од шпанската Примера.

Актуелниот лидер на табелата ја нагости екипата од Виго, а натпреварот заврши со резултат 2:2.
Гостите поведоа во 20. минута преку противнапад кој го повлече Аспас. Најдобриот играч на Селта го проигра Гомез, кој остана сам пред Тер Штеген. Германскиот голман одлично интервенираше, но по одбиената топка Аспас ја погоди мрежата за 0:1.
Само две минути и беа потребни на Барселона да се врати во игра, Паулињо го проигра Меси, а Аргентинецот израмни на 1:1.
Барса 120 секунди подоцна дојде до нов гол, Меси одлично го проигра Суарез, Уругваецот лесно го матираше голманот на Селта, но линискиот судија го крена знаменцето и голот беше поништен, иако беше јасно дека Барселона повторно е оштетена за чист гол, откако во претходниот дуел со Валенсија исто така и беше поништен гол откако топката ја мина гол-линијата.
Со 1:1 се замина на одмор, а потоа Барса дојде и до пресврт. Во 62. минута Меси со неверојатен пас го исфрли Алба сам во шестнаесетникот кој на прва одигра за Суарез, а Уругваецот го матираше гостинскиот голман за 2:1.
Селта сепак не се предаваше. Аспас повторно фантастично мина по десната страна, влезе во казнениот простор на домаќините, го проигра Гомез, а тој се намести на удар и ја затресе мрежата на Тер Штеген за 2:2.
Следуваше иницијатива на Каталонците, се закани Паулињо во 73. минута, но неговиот удар од работ на шестнаесетникот отиде над голот. Две минути подоцна Пике пропушти шанса по одличниот пас на Меси, за во финишот и Меси самиот да има добра шанса, но неговиот удар со глава мина покрај десната статива. Пако Алкасер во 93. минута и Меси од слободен удар во последната секунда имаа шанса за гол, но нивните удари завршија веднаш покрај стативата на гостинскиот голман.
Барселона целосно доминираше на натпреварот имаше безброј шанси, од друга страна Селта во неколку наврати имаше опасни противнапади, па на крајот натпреварот заврши без победник 2:2. Ова е шанса за Реал Мадрид со победа да дојде на шест бода негатива во однос на Барселона, но останува впечатокот дека Каталонците се жестоко оштетени две кола во низа за два чисти гола кои можеа да значат победа./SportClub
https://www.youtube.com/watch?v=EIdzdUZuL-E