Загрижени граѓани од скопската населба Кисела Вода утрово до редакцијата на „Локално“ испратија видео на кое се гледа дека возрасен човек пали оган во куп суви лисја во паркче кое е веднаш спороти бензинска пумпа и покрај абтобуска станица на прометна улица. Ова се случило денес, отприлика околу 15 минути до 8 часот. А, лицето кое го запалило огнот набргу си заминало.
„Зачудувачки е што имаше колона возила, на автобуската станица имаше човек кој чекаше автобус, вработените од бензинската пумпа како и секогаш беа надвор затоа што таква им е работата. Поминуваа и пешаци, но никој не реагираше да го спречи, иако од сувите лисја лесно може да пламне голем пожар“, изјави жител на Кисела Вода за „Локално“.
Жителите истакнуваат дека палењето пожари во Кисела Вода станало секојдневие и бараат институциите итно да преземат мерки. Тие посочуваат дека одредени локации во населбата, како што е Расадникот, претставуваат сериозен ризик за безбедноста на граѓаните.
„Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и МВР треба да воведат чести патроли и видео надзор. Се знае каде се критичните точки во населбата каде може да се случи трагедија. Ете, летово гореше Расадник, а сега пак е преполн со запалени шишенца од метадон и шприцеви. Треба ли да чекаме нов катастрофален пожар за некој да реагира?“, прашуваат граѓаните.
Летово, во Расадник беше забележан човек кој намерно подметнувал пожар. Неколку дена потоа пожар запалија деца, а површините кои изгореа сега се место каде што има опасен медицински отпад. Жителите алармираат дека по пожарите остануваат и последици, како што е зголеменото присуство на нарко-зависници кои ги користат чистините.
„Сегашниот градоначалник пред три години вети рекреативен парк на местото на Центарот за зависници, но наместо тоа, Расадникот сега е полн со шприцеви и шишенца од метадон. Треба ли да се случи нова катастрофа за некој конечно да превенира?“, се прашуваат жителите.
Граѓаните повторно апелираат до надлежните институции за итно преземање на мерки кои ќе ја обезбедат нивната безбедност и ќе спречат нови пожари.
И.И.