Избеганиот експремиер Никола Груевски денеска преку својот Фејсбук профил го коментираше обвинението за организаторите на 27 април, на чија листа се најде и самиот тој, но поради тоа што е во бегство, за него нема да почне судскиот процес.
„Лага е и информацијата дека сум ги повикал граѓаните да не седат во папучи дома туку да излезат и насилно да влезат во парламентот. Изјавата на која веројатно се мисли е дадена два месеци пред настанот во вестите на Сител ТВ и е одговор на прашањето дали сметам дека Тиранската Платформа ја нарушува унитарноста на земјата, на што одговарам потврдно и посочувам дека само народот може да го спречи тоа алудирајќи на нови избори кои тогаш веќе ги посакувавме одкако не успеа правењето коалиција со ДУИ“, пишува Груевски на Фејсбук.
Сепак, фактите говорат спротивно од статусот на Груевски, бидејќи неговата изјава во вестите на ТВ Сител е дадена на 26 февруари 2017 година, а еден ден подоцна, на 27 февруари 2017 година почнаа протестите „За заедничка Македонија“.
Во интервјуто, бегалецот Никола Груевски освен да не седат во папучи, ги повика граѓаните и „да си ја одбранат државата“.
„Ако народот не си ја одбрани државата, тогаш ќе следуваат проблеми во однос на државата. Кога државата е нападната, само народот може да ја одбрани. Сакам да им порачам на граѓаните, дека ако сметаат и ако планираат со седење дома и гледање телевизија, дека некој друг ќе им ја одбрани државата, длабоко се во заблуда. Државата во ваква ситуација може да ја одбрани само народот“, рече Груевски еден ден пред да почнат протестите „За заедничка Македонија“, кои завршија со насилниот упад во Собранието на 27 април.
А.Т.