ВИДЕО: Мизрахи ќе биде разрешена ако не го почитува Уставот, Мицкоски без коментар за таблата

од Aleksandar Todeski
438 прегледи

Скандалот со враќањето на старата табла од страна на техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи во Министерството е повод за реакција од страна на Грција. Ова денеска на прес конференција го кажа министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој апелираше до Мизрахи да почне да го почитува Уставот.

Сепак, Мизрахи не е единствениот фунцкионер за кого Грција реагирала, дека се прекршува Преспанскиот Договор. За прекршувањето, соседната земја реагирала и дека техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев исто така го прекршил Договорот, кој Северна Македонија и Грција го склучија пред неполни две години.

„Ова претставува грубо прекршување на Договорот од Преспа и доаѓа по повторени прекршувања на Договорот од страна на министерот за труд и социјална политика и од министерот за внатрешни работи. Амбасадата го посочува фактот дека Договорот од Преспа мора да биде доследно и постојано почитуван“, стои во вербалната нота.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров нагласи дека доколку таа не почне да го почитува Уставот, тој ќе бара од премиерот Оливер Спасовски на Собранието да му предложи нејзино разрешување.

„Нејзина работа е да внимава да нема злоупотреби за изборите. Наместо тоа, таа ги проблематизира односите со Грција, создава проблеми со двете стратешки цели на земјата. Државата нема да го дозволи ова. Министерството за труд и социјална политика не е нејзинн стан. И мене не ми се допаѓа проектот „Скопје 2014“, па одам во Министерството на работа. Таблата во МТСП е јавна исправа и никој не може да ја менува. Добивме официјална реакција од соседна Грција“, рече Димитров.

Од друга страна пак, техничката министерка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ вели дека во Министерството никогаш и немало сменето табла.

„Јас не ја игнорирам реалноста, но нема да дозволам создавање на нова реалност. Демократско право, но и морална обврска на секој граѓанин е кога ќе види неправда и да реагира по истата. Таблата е наследена и не постои стара и нова табла. Постои само една табла во Министерството за труд и социјална политика“, рече Мизрахи.

Лидерот на партијата која ја предложи Мизрахи за технички министер, Христијан Мицкоски вчера не сакаше да ја коментира таблата со старото уставно име во Министерството за труд и социјална политика.

„Ве охрабрувам прашањето за таблата да го упатите до министерката Мизрахи и убеден сум дека ќе добиете вистински одговор“, рече Мицкоски кратко, без да даде повеќе информации како лидер на партијата од чии редови доаѓа Мизрахи.

А.Т.

Слични содржини