(ВИДЕО) Почина родилка во Тетово, бебето се бори за живот

од Vladimir Zorba
195 прегледи

Триесетгодишна родилка од Тетово починала, откако била донесена синоќа со породилни болки во тетовската болница. Според информации на ТВ 24 породувањето се иксомплицирало, по што родилката починала.

Нејзиното бебе пак било итно пренесено на Детската клиника во Скопје и успеало да преживее. Во моментов е на одделот за интензивна нега, но неговата состојба се уште e критична. За случајот пак со четирите новороденчиња кои во ист ден починаа на скопската клиника за гинекологија, од Комисијата за стручен надзор констатирале дека нема пропусти во медицинскиот третман на бебињата.

„Комисијата констатира дека се работи за високоризични бремености, завршени со предвремено породување во рана гестациска возраст и ниска родилна тежина на новородените, со присустност на медицински компликации во тек на бременоста. Сите овие ризик фактори го отежнуваат преживувањето на новородените деца и ја зголемуваат стапката на морбидитет и морталитет кај истите.“

Во меѓувреме и Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе испитува дали имало пропусти во хигиенско санитарните услови и протоколи за работа на Клиниката за гинекологија, а дежурната докторка на чија смена починале бебињата и која во моментот не била на работното место е суспендирана.

Во моментов на одделот за интензивна нега има 50 новороденчиња што е двојно повеќе од капацитетите за згрижување.

Од Клиниката објаснуваат дека одделот работи со двојно помал број на педијатри, медицински сестри и инкубатори.

„Постојано имаме проблеми со опремата, има повеќе дечиња, немаме доволно опрема, помал број на инкубатори и стари инкубатори. Располагаме со десет машини за механичка вентилација и се случува повеќе новороденчиња да бидат на респиратори.“ – вели д-р Ѓорѓи Филев.

Според лекарите токму ваквите услови се резултат на високата стапка на смртност на новороденчиња во земјава.

„Нас ни треба персонал, соодветна опрема и како простор сме ограничени“ – вели д-р Филев.

Освен на клиниката за Гинекологија, оддел за интензивна нега за предвремено родените бебиња има и на Детската клиника, но тој околу една година работи со намален капацитет. Иако менаџментот и министерството во неколку наврати најавуваа отворање на новиот оддел, досега се уште не профункционира.

Од министерството денеска информираат дека се во финална фаза на отворање.

На прашањето што надлежните преземаат за намалување на високата стапка на смртност на новороденчиња во земјава, од МЗ велат дека во моментов се посебно фокусирани на изготвување стратегија со дефинирање на конкретни мерки и активности за подобрување на гинеколошката здравствена заштита како на скопска Гинекологија така и во останатите породилишта во земјава.